Одлука У.бр.37/2001

У.бр.37/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“  бр.70/1992), на седницата одржана на 6 јуни 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 9 став 2 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000 и 34/2000), во деловите “основните здравствени услуги од став 1 на овој член” и “стандардите и нормативите за”.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Петре Киревски од Скопје, со Решение У.бр.37/2001 од 25 април 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на деловите од законската одредба означени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 34 од Уставот.

Собранието на Република Македонија, како доносител на законската одредба, не достави одговор на наводите содржани во Решението за поведување на постапката.

4. На седницата Судот утврди дека според член 9 став 2 од Законот “Фондот со општ акт поблиску ги определува основните здравствени услуги од став 1 на овој член, начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги, како и стандардите и нормативите за спроведување на здравствената заштита, на кој министерот за здравство дава согласност”.

Од изнесената законска одредба, според мислењето на Судот, покрај другото произлегува дека Фондот ги определува обемот на правата од сферата на основните здравствени услуги, како и стандардите и нормативите односно квалитетот и количината на здравствената заштита.

5. Во член 34 од Уставот се определува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, а во тие рамки и на здравствена заштита и здравствено осигурување, утврдени со закон и со колективен договор.

Со оглед на тоа што означените делови од законската одредба, според мислењето на Судот, предвидуваат Фондот да ги определува обемот на правата од сферата на основните здравствени услуги, како и стандардите и нормативите односно квалитетот и количината на здравствената заштита, Судот утврди дека таквото овластување за Фондот излегува надвор од уставните рамки со закон и со колективен договор да се уредуваат правата на граѓаните, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.37/2001
6 јуни 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply