18/2001-0-1

18/2001-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 6 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за висината на надоместокот на членовите на Советот, комисиите, одборите и другите работни тела кои извршуваат работи за Советот на Општината Долнени, бр. 07-289/4, донесена од Советот на Општината Долнени на 26 декември 2000 година (” Службен гласник на Општина Долнени” бр 5/2000).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на:

а) следните акти на Советот на Општината:

– Решение за верификација на членовите на Советот на Општината Долнени, бр. 07-278/1, од 28 октомври 2000 год.;
– Решение за избор на претседавач на Советот на Општината Долнени, бр. 07-278/2, од 28 октомври 2000 год.;
– Решение за основање на Комисија за мандатни прашања, избор и именување, бр. 07-278/03, од 28 октомври 2000 год.;
– Решение за избор на секретар на Општината Долнени, бр. 07-278/04, од 28 октомври 2000 год.;
– Решение за формирање на Комисија за работи од именување и разрешување на извршители на управни и административни органи, бр. 07-289/2, од 26 декември 2000 год.;
– Решение за формирање Одбор за финансии и буџет на Општината Долнени, бр. 07-289/3, од 26 декември 2000 год.;
– Решение за именување членови на Советот за склучување на бракови во Општината Долнени, бр. 07-289/5, од 26 декември 2000 год.;
б) Заклучоците на Градоначалникот на Општината Долнени со кои се прогласуваат оспорените акти на Советот.
3. Мунир Колашинац од село Лажани-Општина Долнени кај Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што актите на Советот биле донесени без потребен кворум за одржување на седниците, поради што тие не биле во согласност со член 32 од Законот за локална самоуправа. Освен тоа, првата седница на Советот од 28 октомври 2000 год. била одржана во време кога се водела постапка по приговорите на двајца кандидати од “Демократската партија на Турците”, при што била извршена верификација на два мандати кои беа спорни (во конечната постапка, тие беа укинати), поради што конституирањето на Советот било извршено спротивно на член 30 од Законот за локалната самоуправа.
Оспорените заклучоци на градоначалникот на Општината, пак, биле донесени без претходно тој да укаже на незаконитоста на актите кои се прогласуваат со тие заклучоци, поради што тие не биле во согласност со член 44 став 4 од Законот за локална самоуправа.
4. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се определува членовите на Советот, како и членовите на Комисиите, одборите и другите работни тела на Советот, да имаат право на надоместок за учество на седници на Советот во неговата работа (член 1), при што надоместокот изнесува 1.500,00 ден., за учество на седница (член 2), 700,00 ден. за работа во комисија и 500,00 ден. за учество во склучување на бракови (член 3). Понатаму, Судот утврди дека таквата Одлука е донесена на седница (26 декември 2000 год.) на која присуствуваа 9 советници, но, меѓу кои, двајца членови на “Демократската партија на Турците” (Ајдароски и Арапоски) чиј избор е поништен на 27 октомври и на 1 декември 2000 година, што значи дека на седницата беа присутни 7 од вкупно 17 советници.
Според член 32 став 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95 и 60/95) “советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на советот”.
Со оглед дека при донесувањето на Одлуката на седницата на Советот немаше присутно мнозинство од вкупниот број членови (7 од 17), Судот основано изразува сомнение во законитоста на постапката при донесувањето на Одлуката, поради што реши како во точката 1 од ова решение.
5. Во однос на решенијата и заклучоците означени во точката 2 од ова решение, Судот на седницата утврди дека со нив не се уредуваат на општ начин права и обврски, туку поименично се врши избор на членови на определени органи и прогласување на тие акти.
Тргнувајѓи од уставните овластувања на Уставниот суд да ги оценува, во однос на правните акти, само прописите од општ карактер (член 110 од Уставот), а не и поединечните акти , какви што се седумте решенија и осумте заклучоци, Судот утврди дека за тој дел на иницијативата не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
6. Што се однесува, пак, до наводите од иницијативата околу свикувањето и водењето на конститутивната седница на Советот на Општината, Судот, тргнувајѓи, исто така, од неговите уставни овластувања да одлучува за прашања утврдени во член 110 од Уставот, а не и за дејства околу свикување и водење на седница за конституирање на совет на општина, утврди дека и за тој дел на иницијативата не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недк ов, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 18/2001
6 јуни 2001 година
С к о п ј е
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply