31/2001-0-0

31/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 април 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 90 став 1 алинеја 4 и член 107 став 2 алинеја 8
од Законот за заштита на децата (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од законот означени во точката 1 од ова решение. Иницијаторот смета дека граѓанин може да има одредена правна последица од изречената мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност само ако уште траат тие правни последици а не трајно како што било одредено во оспорената одредба од членот 90 став 1 алинеја 4 од Законот. Исто така, иницијаторот наведува дека според член 106 став 4 од Кривичниот законик, податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат одредени правни последици од осудата или мерки на безбедност или ако за тоа постои определен интерес заснован на закон, но не може детска градинка да создава и води посебна казнена евиденција за граѓаните како што било одредено во членот 107 став 2 алинеја 8 од Законот за заштита на децата. Поради тоа, иницијаторот смета дека оспорените одредби не биле во согласност со членовите 9, 13 став 1, 14 став 1, 18, 25 и 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 90 став 1 алинеја 4 од Законот, работник во установа за деца може да биде лице кое покрај условите утврдени во членовите 84 до 89 не треба да му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење професија, дејност или должност.

Според член 107 став 1 и став 2 алинеја 8 од Законот, детската градинка води евиденција на лица кои повремено чуваат деца во домашни услови. Евиденцијата на лица кои повремено чуваат деца во домашни услови, меѓу другите податоци, содржи и доказ дека не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Членот 18 од Уставот, ги гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Членот 54 став 1 од Уставот, предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Со Законот за заштита на децата, се уредува системот, организацијата и начинот на обезбедување заштита на децата.

Според овој закон (член 2), заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите и на државата за планирање на семејството, обезбедување услови и животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата и обврските на државата во создавањето на услови за водење на хумана популациона политика, давање соодветна материјална помош на родителите според можностите на државата за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата.

Согласно членот 44 од овој закон, дејностите згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст се обезбедува и остварува во детска градинка. За децата кои не се опфатени со згрижување и воспитание на детска градинка може да се организираат и други скратени вонинституционални форми за згрижување и воспитание согласно со овој закон.

Членот 84 од овој закон утврдува дека стручните работи за згрижување и воспитание ги вршат: стручни работници (педагог, психолог, социјален работник, дефектолог, логопед, лекар, педијатар и стоматолог); воспитувачи; негователи и стручни соработници (музички педагог, ликовен педагог, педагог по физичко воспитание, виша медицинска сестра).

Оспорениот член 90 е во главата ВИИИ од законот која се однесува на стручниот кадар и на условите што треба да ги исполнуваат лицата што се вработуваат во установи за деца.

Имајќи ја предвид специфичноста и чувствителноста на работата во установите за деца, законодавецот се определил меѓу другите услови што треба да ги исполнува работникот, да не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење професија, дејност или должност. При тоа оспорениот член не создава нееднаквост помеѓу кандидатите за вработување во детска градинка по ниеден основ од членот 9 од Уставот бидејќи се однесува на сите подеднакво.

Понатаму, временото ограничување на правото на вработување на лице во детска градинка или на лице што чува деца во домашни услови на кое му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност е во функција на извршување на правосилна судска одлука со која на потенцијалниот кандидат за вработување евентуално му е изречена ваква мерка на безбедност, а со цел да не се овозможи во определено траење на осудено лице да врши одредена професија, дејност или должност односно работи за кои му е изречена судската забрана поради извршено кривично дело. Оттука, основ за овој услов е постоење правосилна судска пресуда со која поради докажана вина на сторителот на казнивото дело му е изречена и соодветна мерка на безбедност, во определено траење, од што произлегува дека со оспорената одредба не се повредуваат принципите зацратни во членовите 13 и 14 од Уставот.

Во врска со оспорениот член 107 од Законот за заштита на децата кој се однесува на евиденцијата на лицата кои повремено чуваат деца во домашни услови, Судот смета дека треба да се има предвид токму одредбата од членот 106 од Кривичниот законик според кој податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или мерки на безбедност или ако за тоа постои определен интерес заснован врз закон односно дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност односно неосудуваност.

Постоењето на доказ дека на лице не му е изречена определена мерка на безбедност како услов за вршење на дејноста не претставува основа за водење на казнена евиденција од страна на детска градинка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 90 став 1 алинеја 4 и 107 став 2 алинеја 8 од Законот со членовите 9, 13, 14, 18, 25 и 54 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судија Олга Лазова во својство на заменик претседател на Судот и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.31/2001
11 април 2001 година
С к о п ј е
лк

ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
судија: Олга Лазова

Leave a Reply