174/2000-0-0

174/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 јануари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 341 став 2, во делот што гласи
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на делот од одредбата на член 341 став 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот дел од одредбата на ставот 2 на член 341 од Кривичниот законик во делот “или со општа” (покана), не бил во согласност со член 8 алинеја 3 и со членот 51 од Уставот на Република Македонија. Како причина за несогласност со наведените уставни одредби подносителот наведува дека оспорениот дел од ставот 2 на членот 341 од Кривичниот законик создавал правна несигурност кај граѓаните – воени обврзници затоа што тие можеле и да незнаат (да не допре до нив) за општата покана, а и покрај тоа да бидат сторители на кривичното дело и за тоа дело да им биде изречена предвидената казна и тоа по принципот на објективна одговорност.
3. Судот на седницата утврди дека во ставот 1 на член 341 од Законот е предвидено тој кој без оправдана причина иако е повикан со поединечна покана нема да се јави во определено време кај надлежен државен орган во врска со воведување на воена евиденција, лекарски преглед, регрутирање, служење на воениот рок, соопштување на воен распоред или учество на воена вежба ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, а според ставот 2 на овој член, чии дел се оспорува тој што се крие за да ја одбегне обврската од став 1, иако е повикан со поединечна или со општа покана, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
4. Како темелна вредност на Уставниот поредок на Република Македонија во членот 8 алинеја 3 од Уставот е утврдена владеењето на правото.
Според член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена, а според член 13 став 1, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Во членот 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во соглансост со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во членот 70 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92) е предвидено дека граѓаните повикани од надлежен орган за извршување на правата и должностите од член 2 на овој закон (да извршуваат воена обврска, да учествуваат во цивилната заштита, да извршуваат работна обврска и да извршуваат материјална обврска), се должни да се јават на органот, во место и време означени во поединечната покана или општиот повик.
Уставот на Република Македонија, прокламирајќи ја неприкосновеноста на слободата на човекот ги утврдува и основите за нејзиното ограничување, односно за лишување од слобода. Во таа смисла и во членот 14 предвидел дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво и за кое не била предвидена казна.
Кривичното дело предвидено со членот 341 од Кривичниот законик “неодзивање на позив и одбегнување на воена служба” по своето битие подразбира без оправдани причини неодзивање на покана и одбегнување на воена служба, криење заради одбегнување на воените обврски, напуштање на земјата и останување во странство со цел да се одбегне воведување на воената евиденција, лекарски преглед, регрутирање, служење на воениот рок, соопштување на воен распоред или учество на воена вежба, повикување и поттикнување на повеќе лица за неизвршување на воената обврска. Овие дела, во зависност од криминално.-политичката оценка за нивната тежина, се пропишани како основни или потешки дела. Со ова кривично дело всушност е кривично правно заштитено уставното право и должност на граѓаните на одбрана на Републиката.
Дејствието на сторување на кривичното дело се јавува во повеќе облици дефинирани во одредбата на членот 341 од Законот, меѓу кои и дејствието на сторување на делото од ставот 2 што се состои во криење за да се одбегне извршување на обврската од ставот 1, што значи дека криењето е со намера да се одбегне воена обврска за чие извршување граѓанинот е повикан со поединечна или општа покана од што произлегува дека граѓанинот – воениот обврзник знаел за обврската и свесно се крие со намера да ја одбегне обврската што претставува квалификативен елемент на делото што е санкционирано. При тоа, според мислењето на Судот не е од битно значење како дошол да знае за својата обврска, дали преку поединечна покана или општа покана за чие извршување граѓанинот е повикан.
Исто така, Судот смета дека на оспорениот дел од одредбата на ставот 2 од член 341 од Законот не може да и се приговори и поради тоа што и Законот за одбрана како облик на повикување на граѓаните – воени обврзници ја предвидува општата покана. Имено, законодавецот тргнувајќи од значењето на одбраната на земјата и состојбите кои можат да настанат во врска со одбраната, општата покана ја предвидува со цел остварување на уставните права и должности во одбраната на земјата.
Според мислењето на Судот изоставувањето на општата покана од ставот 1 на член 341 од Законот при неговото изменување, не може да се прифати како аргумент за несогласност на ставот 2 од овој член со темелната вредност владеење на правото утврдена во членот 8 од Уставот и со членот 51 од Уставот затоа што со оваа одредба е инкриминиран друг облик на дејствие на кривичното дело.
Со оглед на изнесеното не може да се постави прашањето за согласност ана член 341 став 2 во делот што гласи “или општа” од Кривичниот законик со членот 8 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседатело т на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.174/2000
31 јануари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply