224/2000-0-0

224/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 јануари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот за престанок на функцијата член на Совет на општина Тетово, донесен од Советот на општина Тетово на 27 октомври 2000 година.
2. Магдалена Несторовска од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на заклучокот означен во точката 1 од ова решение затоа што со него Советот на локалната самоуправа воопшто не бил надлежен да го одзема еднаш легално верификуваниот мандат на советник заради инкопатабилност со што е направена повреда на уставниот принцип на владеење на правото утврден во член 8, повредени се членовите 22 и 23 од Уставот како и членот 38 од Законот за локалната самоуправа.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 27, 28, 29 и 56 од Законот за локалната самоуправа и Извешатајот на Верификационата комисија, со предлог на верификација на мандатите, Советот на општина Тетово на 22 септември 2000 година донел Одлука за верификација на мандатите на членовите на Советот на општина Тетово во која одлука, покрај другите е верификуван и мандатот на Магдалена Несторовска.
На 27 октомври 2000 година Советот на општина Тетово врз основа на член 5, 54 и 62 од Законот за локалните избори, Статутот на општина Тетово и Мислењето на Министерството за правда донело Заклучок за престанок на функцијата член на Совет на општина Тетово. Во Заклучокот е утврдено дека 1. На Магдалена Нестороска, член на Советот на општина Тетово, избрана за советник на кандидатската листа од Коалицијата “За Македонија-заедно” и престанува функцијата – член на Совет на општина Тетово, поради неспоивост на функцијата со вршење на работите и работните задачи државен службеник и 2. За нов избран член на Советот на општината Тетово се смета наредниот кандидат од листата на кандидати на Коалицијата “За Македонија-заедно”.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи и колективни договори.
4. Разгледувајќи го барањето и содржината на оспорениот заклучок, Судот смета дека оспорениот заклучок не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку дека тој е поединечен акт за што Судот не е налдежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, О лга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.224/2000
31 јануари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply