198/2000-0-0

198/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 јануари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 16 став 1 во делот “основните слободи и права на човекот и граѓанинот или друга неправилност” од Законот за народниот правобранител (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/97).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на дел од членот 16 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот оспорениот дел од членот 16 алинеја 1 не одговарал на формулацијата на членот 77 став 2 од Уставот, затоа што основните слободи и права на граѓанинот биле во многу помал обем од уставните права во целина. Поради тоа, Народниот правобранител секогаш можел да ги отфрла претставките на граѓаните наоѓајќи дека не се повредени основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Понатаму иницијаторот смета дека има терминолошка неусогласенот помеѓу текстот на оспорениот член и членот 77 став 2 од Уставот бидејќи било употребено “или за друга неправилност” наместо “законските права”, и ” човекот и граѓанинот” наместо “граѓаните”, поради што оспорениот член од законот не бил во согласност и со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 16 став 1 алинеја 1 од Законот за народниот правобранител, Народниот правобранител ќе ја отфрли претставката и ако од податоците што му стојат на располагање произлегува дека не се работи за повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот или за друга неправилност.
4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 77 став 2 од Уставот, Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Според ставот 4 на овој член, условите за избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.
Во членот 2 од Законот за Народниот правобранител е определено дека народниот правобранител е орган на Републиката кој ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања.
Во делот од Законот што се однесува на надлежноста и начинот на работа поконкретно во членот 10 е уредено дека народниот правобранител во вршењето на својата функција презема дејс твија за кои е овластен со овој закон заради заштита на уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите и организациите.
Понатаму во овој дел од законот е уредено кога народниот правобранител не постапува по предметите односно во кои слу чаи може да одлучи да ја отфрли претставката. Така, Народниот правобранител по добивањето на претставката може да одлучи да ја отфрли ако е анонимна, ако не е поднесена во определен рок или ако претставува злоупотреба на правото на жалба. Или пак, народниот правобранител ќе ја отфрли претставката и ако од податоците што му стојат на располагање произлегува дека не се работи за повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот или за друга неправилност, ако претставката не е комплетна и ако подносителот по претходното укажување од народниот правобранител не ја дополнил како и ако предметот е во постапка пред судските органи.
Уставот на Република Македонија предвидува четири облика на заштита на индивидуалните слободи и права и тоа: заштита од ст рана на судовите; заштита од страна на Уставниот суд; заштита од страна на народниот правобранител и заштита од страна на постојаната анкетна комисија на Собранието на Република Македонија.
Уставот го определил народниот правобранител како заштитник на уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања, меѓутоа допуштил надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител да се уредат со закон.
Оттука, во Законот за Народниот правобранител, односно во неговите општи одредби, како и во делот што се однесува на надлежноста и начинот на работа, утврдена е надлежноста на народниот правобранител во рамките што ги утврдува Уставот.
Меѓутоа со оспорениот член 16 став 1 алинеја 1 од Законот не се утврдува надлежност на народниот правобранител туку со овој член се определува кога и од кои причини народниот правобранител може да ја отфрли претставката. При тоа, употребениот термин “основните слободи и права на човекот и граѓанинот” не треба да се гледа само во однос на членот 77 од Уставот, туку во контекст на содржината на Уставот во целина, пред се имајќи го предвид делот ИИ од Уставот кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Врз основа на изнесените уставни и законски одредби Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на членот 16 став 1 алинеја 1 од Законот во оспорениот дел, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.198/2000
24 јануари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply