214/1999-0-0

214/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнувања на деталниот урбанистички план на град Крушево бр.08-181/1 од 27.06.1991 година и Одлука за донесување на детален урбанистички план на град Крушево – парцијални измени бр.08-87/1 од 17.10.1996 година, двете донесени од Собранието на општина Крушево.
2. Јован Бојаџиев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување н а уставнсота и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, од причина што истите не биле во согласност со член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 11 став 3 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96; 28/97 и 18/99).
Повод за поднесување на иницијиативата е невнесување на објект (индивидуална станбена куќа) евидентиран на геодетската подлога, во графичкиот дел на деталниот урбанистички план на Општина Крушево. Со тоа не постоела согласност меѓу ажурираните геодетски подлоги и деталниот урбанистички план со што била сторена повреда на членот 11 став 3 од законот, според кој деталните урбанистички планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги. Според подносителот на иницијативата ваквата несогласност меѓу подлогите и деталниот урбанистички план го доведувала во прашање уставното начело на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните. Според него, доносителот на деталните урбанистички планови нема право самоволно да одлучува дали ќе задржи или не објекти изградени со целокупна инвестиционо-техничка документација.
При тоа, подносителот на иницијативата не, ја оспорува законитоста на оспорените акти од аспект на постапката за нивно донесување.
3. По одржаната подготвителна седница, Судот утврди дека во конкретниот случај се работи за индивидуална станбена куќа (изградена пред донесувањето на оспорените одлуки) за која подносителот на иницијативата има добиено целокупна инвестиционо-техничка документација (решение за доделување градежно неизградено земјиште со површина од 93 м2 бр.08-568/1 од 17.06.1976 година, решение за одобрување локација бр.07-13/17 од 13.07.1976 година; решение за урбанистичка согласност бр.07-13/17 од 5.08.1976 година; решение за одобрување на градба бр.07-12/60 од 5.08.1976 година).
И за двете измени и дополнувања на деталниот урбанистички план на Општина Крушево извршени со оспорените одлуки од 1991 година и 1996 година, изработени се ажурирани геодетски подлоги (геодетски карти) и е изработен графички приказ на планот. Во двата случаи, спорниот објект е евидентиран (зацртан) на геодетските подлоги, но истиот не постои во графичкиот дел од деталниот урбанистички план.
Покрај тоа, Судот утврди дека оспорената одлука од 1991 година иако е означена како акт за измена и дополнување, сепак е акт со кој е донесен деталниот урбанистички план на Општина Крушево.
Исто така, Судот утврди дека при техничкото изведување на работите на теренот, објектот е изграден на локација која излегува надвор од онаа за која е добиена документацијата. Така, според регулациониот план на град Крушево објектот требало да се гради во горниот северен дел од градежната парцела, а инвеститорот без одобрение го поместил објектот на југ излегувајќи надвор од предвидената градежна парцела и навлегувајќи во предвидените улици од јужната и источната страна. При тоа, изградениот објект зафаќа и дел од ” соодветната” локација.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 11 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, деталните урбанистички планови се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги.
Според член 5 точка 14 од Законот, ажурирани геодетски подлоги се геодетски карти во соодветен размер, со приказ на најнова постојна состојба на изграденост на објекти и инсталации на одредено подрачје и вертикална претстава на теренот со метод на изохипси.
Оттука произлегува дека деталниот урбанистички план се изработува на ажурирани геодетски подлоги кои даваат приказ на последната, најновата постојна состојба на теренот. При тоа, геодетските подлоги не само што се основа за изработка на планот, туку тие се и составен дел на урбанистичката документација во врска со деталниот урбанистички план.
Согласно член 21-а став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96; 28/97 и 18/99) при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистички нормативи и стандарди за планирање на просторот од различни области вклучени во интегралното планирање на просторот.
Според член 2 од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, донесен од Министерот за урбанизам и градежништво на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/99), при планирање на просторот со предвидување нови урбанистичко-архитектонски целини и во организирани населби максимално се почитува постојната состојба, односно изградените објекти.
Од содржината на изнесените законски одредби произлегува задолжителноста за изработка на подлогата (геодетски карти) која служи како основа за изработка на планот. Самиот закон не го утврдува степенот на согласност на подлогата со деталниот урбанистички план, туку преку Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот само упатува на максимално почитување на геодетската подлога при планирање на просторот.
Впрочем, имајќи ја предвид целта на планирањето – уредување и хуманизација на просторот, како и негов понатамошен развој можно е при донесување на планот во определен степен да се утврдуваат нови содржини на просторот, со што всушност и се обезбедува развојната компонента на планот.
Тоа го овластува доносителот на планот, при планирањето на просторот да врши определени измени на постојната состојба.
Со оглед на тоа што и во двата случаи биле изработени ажурирани геодетски подлоги Судот оцени дека не постои несогласност меѓу оспорените одлуки и членот 11 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во однос на прашањето за меѓусебната согласност на подлогата со планот, Судот оцени дека истото излегува надвор од надлежностите на Судот утврдени во член 110 од Уставот на Република Македонија. Со оглед на тоа што ажурираните геодетски подлоги спаѓаат во рамките на графичките прилози на урбанистичката документација на планот, Судот утврди дека оценувањето на нивната меѓусебна согласност би претставувало оценување на документи кои претставуваат составен дел на една целина – донесување на деталниот урбанистички план.
Согласно член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на државата. тоа претставува механизам кој ги ограничува самоволието и арбитрерноста на носителите на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Правната сигурност на граѓаните исто така е основа за функционирање на владеењето на правото.
Но, владеењето на правото имплицира правна сигурност и заштита на правно заснованите слободи и права на човекот и граѓанинот и неговите легитимни интереси. Самиот факт што предметниот објект не кореспондира со издадената инвестиционо – техничка документација, Судот оцени дека претставува доволен основ да се констатира отсуство на било какво сомневање во уставноста на оспорените акти. Фактичкото отстапување на објектот од издадената документација ја дезавуира правната заснованост на прашањето за несогласност на оспорените акти со уставното начело на владеење на правото. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за несогласност на актите со членот 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од го заменува претседателот на Судот судијата Олга Лазова и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Ми лан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.214/1999)

Leave a Reply