147/2000-0-0

147/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на член 59 став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 14/95, 71/96, 32/97 и 24/2000).

2. Гоце Стоилковски од Македонска Каменица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одредбата означена во точката 1 од ова решение, од причина што истата не била во согласност со членот 46 од истиот Закон.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба е недоволно прецизна од причини што не ги зема предвид минатиот труд, редовноста и обемот на ангажираност на работникот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 59 став 5 од Законот паричниот надоместок поради помала плата на друго работно место заедно со платата може да изнесува најмногу до највисоката плата на истото или на слични работни места кај равотодавецот.

Покрај тоа, Судот утврди дека со решение У.бр.182/94, 183/94 и 184/94 од 15 март 1995 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 59 став 5 од Законот. Притоа, Судот го изнел ставот според кој Уставот го гарантира правото на социјална сигурност и социјално осигурување, а особено на неспособните лица за работа, при што Уставот оставил содржината, условите за стекнување, начинот на утврдување на одделни права од социјалното осигурување да бидат целосно уредени од страна на законодавецот. Оттука, утврдено е дека и прашањето на утврдување на паричниот надоместок поради помала плата на друго работно место е целосна работа на законодавната политика.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Судот да ја оцени меѓусебната согласност на одредби од ист закон, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по истата, како прашање кое излегува надвор од надлежноста на Судот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорената одредба била предмет на уставно-судска оценка, а не постојат основи за поинакво одлучување, Судот одлучи дека не постојат процесни претпоставки да одлучува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од го заменува претседателот судија Олга Лазова и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.147/2000
20 декември 2000 година
С к о п ј е
лк

ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Олга Лазова

Leave a Reply