107/2000-0-0

107/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен Весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 29 Ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на анкетата спроведена од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и анкетното прашање
2. Здружението на инвалидите на трудот и корисниците на инвалидска пензија на Општина “Гази Баба” на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на анкетата и анкетното прашање наведени во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, иако анкетата и анкетното прашање се однесувале на сите корисници на пензија, без оглед во кое здружение, односно сојуз членуваат, сепак тие биле спроведени само во однос на Сојузот на инвалиди на трудот со што определена категорија граѓани од здруженијата на инвалиди на трудот и од здруженијата на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија биле обесправени. Од тие причини, подносителот смета дека спроведената анкета и поставеното анкетно прашање се спротивни на уставните одредби и позитивните законски решенија, поради што предлага поинаква содржина на анкетното прашање.
3. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Во конкретниот случај, со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на анкетата спроведена од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и анкетното прашање.
Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со оглед на тоа што барањето за уставно-судска оценка на постапката за анкетирање и анкетното прашање не спаѓа во рамките на надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека не постојат процесно-правни претпоставки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи истата да ја отфрли.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.107/2000)

Leave a Reply