108/2000-0-0

108/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на границите на мелиоративното подрачје за одводнување во Скопско Поле, донесена од Собранието на град Скопје на 21 март 1977 година (објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.5/77).

2. АД за производство и промет на земјоделски и сточарски производи “Факултетско земјоделско стопанство” с.Трубарево – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, од причини што престанал да важи законскиот основ за постоење на одлуката, поради што и самата одлука не може да постои во правниот поредок. Според подносителот на иницијативата, со тоа се создава ситуација на егзистирање на подзаконски акти чиј законски основ престанал да важи. Покрај тоа, подносителот посочува дека согласно Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) градот, односно Советот на град Скопје нема надлежност да донесува вакви одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се утврдуваат границите на мелиоративното подрачје за одводнување во Скопско поле од левиот брег на реката Вардар, на кое е изграден и делува хидромелиоративниот систем за одводнување.

Правен основ за донесување на одлуката е членот 30 став 2 од Законот за води (“Службен весник на СРМ” бр.28/65), според кој границите на мелиоративното подрачје ги утврдува општинското собрание.

Со Законот за водите (“Службен весник на СРМ” бр.47/73) оваа одредба останува во сила до донесување на посебен закон (согласно членот 140 од Законот од делот на преодните и завршните одредби).

Овие одредби се основа за донесување на оспорената одлука во 1977 година.

Во 1981 година на сила влегува нов Закон за водите (“Службен весник на СРМ” бр.6/81, 31/87, 51/88, 20/90, 23/90, 24/91 и 83/92) со кој престанува да важи Законот од 1973 година. И на крајот, важечки закон кој ги уредува прашањата на водниот режим, условите и начинот на употреба и користење на водите, заштита од штетните дејства на водите, водостопанските дејности и други прашања од значење за обезбедување на единствен режим на водите во Република Македонија е Законот за водите (“Службен весник на РМ” бр.4/98 и 19/2000).

Без да се навлегува во утврдување на прашањето за согласноста на оспорената одлука со позитивните законски решенија, во однос на овластувањето на општината да ги утврдува границите на земјиштето кое ќе биде подложено на соодветен режим на хидромелиоративни мерки на наводнување или одводнување, како спорно пред Судот се постави прашањето за нејзината правна валидност.

Иако не постои изречна правна дерогација на оспорената одлука, Судот оцени дека со престанувањето на законскиот основ за нејзино донесување, не постојат веќе правните основи за нејзино егзистирање. Имено, престанувањето на правниот основ со поголема правна сила (законот) имплицира анулирање на правната важност на субординираниот акт (оспорената одлука). Со тоа, актот на единицата на локалната самоуправа ипсо фацто е без правна сила.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот акт правно престанал да важи, Судот оцени дека не постои акт предмет на уставно-судска контрола.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.108/2000
29 ноември 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply