114/2000-0-0

114/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 50 став 2 во делот “освен функции определени со закон” и ставовите 3, 4 и 5 на истиот член од Законот за судовите (“Службен весник на РМ” бр.36/95, 45/95-исправка).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените одредби од членот 50 не биле во согласност со членот 98 став 5 од Уставот на Република Македонија, бидејќи во овој став било предвидено со закон да се уредуваат само видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, а не и други прашања, како што се и прашањата уредени во оспорените одредби. Овие одредби не биле во согласност и со членот 100 став 3 од Уставот, бидејќи, од една страна, во овој став прашањето за неспојливоста на судиската функција со вршење на друга јавна функција и професија Уставот го уредил на апсолутен начин и без исклучок, при тоа не оставајќи резерва односно можност тоа да се уреди и со закон, а од друга страна пак, со начинот на уредувањето на ова прашање во оспорените законски од
редби е нарушен не само принципот на неспојливоста на судската функција со вршење на друга јавна функција и професија утврден во наведениот став од членот 100 од Уставот, но се доведувал во прашање и принципот на независност на судовите, утврден во член 98 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 50 став 2 од Законот за судовите, судијата не може да врши каква и да е друга јавна функција или професија, освен други функции определени со закон.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, судијата може да одржува предавања на универзитетот и да учествува во одредени научни проекти при универзитетот, без право на надоместок. Според ставот 4, за вршењето на универзитетската активност од став 3 на овој член согласност дава судот во кој судијата е избран, а додека според ставот 5 , кој што исто така е оспорен, согласноста за вршење на универзитетската активност може да се даде само доколку тоа не штети на вршењето на судиската функција.

4. Во член 8 од Уставот на Република Македонија, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е утврдена и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска.

Според член 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според членот 99 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот и истиот може да биде разрешен, освен во другите случаи утврдени во овој член, и во случај на потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судската функција, што ја утврдува Републичкиот судски совет.

Во членот 100 став 1 и 2 од Уставот утврдено е дека судиите уживаат имунитет за кој одлучува Собранието, а во ставот 3 и 4 од истиот член е утврдено дека судиската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија и дека се забранува политичко организирање и дејствување во судството.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија, согласно принципот на поделбата на власта, судската власт ја конституирал како самостојна и независна која ја вршат судовите врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот Во функција на обезбедување на принципот на независност и самостојност на судовите, Уставот, меѓу другото, утврдил траен мандат на судиите, како и неспојливоста на судската функција со вршењето на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Исто така, и Законот за судовите содржи повеќе одредби со кои се обезбедува уставната гаранција за независност и самостојност на судовите, односно на судиите, а меѓу тие одредби посебно значење имаат решенијата содржани во членот 50 од Законот, со кои всушност се врши операционализација и поконкретно разработување на одредбите на членот 100 став 3 и 4 од Уставот.

Имено, ако, од една страна, уставната определба за неспојливоста на судиската функција со вршење на друга јавна функција во суштина значи забрана едно исто лице истовремено да врши судиска и друга јавна функција, а од друга страна, ни самиот Устав не содржи дефиниција ниту критериум по кој би можело да се каже дали некоја функција е јавна или не, иако главно и во основа меѓу јавните функции спаѓаат функциите во власта и тоа во трите нејзини видови – законодавната, извршната и судската, односно сите функции со кои што се врши власта или располагаат со власт, јасно произлегува дека законодавецот не случајно во членот 50, а особено во ставот 1 на овој член се определил поконкретно да утврди некои од јавните функции со кои судиската функција е неспојлива при што како такви ги утврдил функцијата пратеник, односно одборник, (сега член на советот на општината) и функциите во органите на Републиката, општината и градот Скопје, за да во ставот 2 од истиот член, за судијата да утврди забрана за вршење на каква и да
е друга јавна функција (освен наведените во ставот 1) или професија. Притоа во оспорениот дел на ставот 2 од овој член законодавецот оставил можност судијата да врши само други функции определени со закон, што значи, во овој член од Законот се зборува за две различни функции – јавна функција и друга функција, кои што термини не се непознати и за Уставот, кој што исто така во повеќе свои одредби заедно ги употребува и двата термина (член 68 став 1 алинеја 16, член 84 алинеите 8 и 11, 91 алинеја 13 и др.).

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека во ставот 2 на член 50 од Законот е утврдена забрана за судијата покрај судиска функција да врши и друга јавна функција или професија, а се допушта можност тој да врши само други функции определени со закон, Судот смета дека оваа одредба од Законот, вклучувајќи го и нејзиниот оспорен дел, од аспект на причините поради кои се оспорува, не е во несогласност со член 100 став 3 од Уставот, бидејќи судиската функција според овој член од Уставот е неспојлива само со вршењето на друга јавна функција и професија, а не и со друга функција, за каква што всушност станува збор во оспорениот дел на член 50 став 2 од Законот.

5. Судот, исто така, оцени дека ни оспорените ставови 3, 4 и 5 на член 50 од Законот не се во несогласност со член 100 став 3 од Уставот затоа што смета дека активностите што судијата може да ги врши на универзитетот (предавања и учество во научни проекти), според начинот и условите предвидени во оспорените членови под кои тие можат да се вршат (без надоместок, а по претходна согласност од судот во кој судијата е избран, и др.) немаат професионален карактер, односно не можат да се сметаат како вршење на професија во смисла на членот 100 став 3 од Уставот.

Имено ако уставно утврдената неспојливост на судиската функција со вршењето на друга јавна функција и професија има за цел да обезбеди самостојност и незавиност на судовите, односно судиите, но и квалитетно, стручно и успешно извршување на судиската функција, тогаш, според мислењето на Судот, неспорно е дека под вршење на професија во смисла на членот 100 став 3 од Уставот уставотворецот го имал предвид само вршењето на оние активности односно професии за кои судиите имаат стручна квалификација и кои по правило се вршат на организиран, односно институционализиран начин (со засновање на работен однос, со избор или реизбор во научни или наставнички звања и сл.) и чие вршење доведува до конфликт на интереси со судиската функција, што не е случај со универзитетските активности што судијата може да ги врши според оспорените ставови 3, 4 и 5 на членот 50 од Законот.

6. Во врска со наводите во иницијативата дека оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членовите 98 став 5 и 100 став 3 од Уставот и поради тоа што овие членови од Уставот не упатувале наведените прашања да се уредат со закон, Судот смета дека нема уставна пречка за нивно уредување со закон, иако за тоа не постои директен основ во Уставот.

Имено, според мислењето на Судот, правото на законодавецот да ги уреди и овие прашања со закон произлегува од генералното овластување на Собранието на Република Македонија од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот да донесува закони, во кои по своја оценка може да уредува и прашања за кои Уставот директно не упатува дека можат да се уредат со закон. При тоа, битно е дали тие прашања се уредени во согласност или во спротивност со Уставот.

Со оглед дека прашањата во оспорените одредби од Законот, според мислењето на Судот, се уредени во согласност со Уставот, Судот оцени дека нема основ за сомневање во нивната уставност ниту од аспект на напред наведените причини, поради кои тие, исто така, се оспоруваат.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение, во делот кој се однесува за член 50 став 2, Судот го донесе со мнозинство гласови, а во останатиот дел го донесе едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.114/00
22 ноември 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply