85/2000-0-1

85/2000-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 ноември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 14 став 1 од Законот за здравствено осигурување, во делот “и по таа основа биле здравствено осигурани непрекинато најмалку шест месеци пред започнување на отсуството” (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.85/2000 од 27 септември 2000 година поведе постапка за оценување уставноста на дел од членот 14 став 1 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 14 став 1 од Законот право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, ра?ање и мајчинство можат да остварат осигурениците од член 5 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 на овој закон и по таа основа биле здравствено осигурени непрекинато најмалку шест месеци пред започнувањето на отсуството.
5. Судот на седницата, исто така, го утврди следното:
Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.186/91 од 22 октомври 1992 година го укина членот 194 став 2 од Законот за здравствена заштита (” Службен весник на Република Македонија” бр.38/91), надоместокот на личниот доход за време на отсутност од работа поради болест и породување припаѓа за онолку време колку што траело здравственото осигурување пред почетокот на породилното отсуство, а најмногу за времето утврдено со прописите за работните односи. При тоа Судот оцвени дека со оваа одредба се повредува уставното право на посебна заштита на мајчинството и на мајката работничка утврдено во член 42 став 1 и 2, начелото на солидарност утврдено во член 8 став 1 алинеја 8 и начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот”.
Исто така, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.26/96 од 12 јуни 1996 година, не поведе постапка за оценување уставноста на член 17-а став 1 точка 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/95), според кој осигурениците можат да остварат право на парични надоместоци ако здравственото осигурување траело непрекинато најмалку шест месеци пред настанувањето на случајот за кој може да се оствари правото, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување. Според Судот остварувањето на правата од здравствена заштита непосредно е поврзано со плаѓање на придонес за здравствено осигурување што произлегува од задолжителното здравствено осигурување воспоставено со закон па оттука принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во Фондот, а не во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаѓање на придонесот”.
Понатаму, Судот утврди дека со денот на влегувањето во сила на Законот за здравственото осигурување, меѓу другите одредби, престанал да важи и членот 17-а од Законот за здравствената заштита.
6. Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Републиката се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Членот 42 став 1 и 3 од Уставот определува дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица и дека малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.
Законот за здравствено осигурување го уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.
Според член 12 став 1 точка 1 од овој закон, во рамките на задолжителното здравствено осигурување се обезбедува право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.
Со оспорениот член од Законот, правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство се условува со тоа здравственото осигурување да биде непрекинато најмалку шест месеци пред започнувањето на отсуството. Со ваквото законско решение, очигледно е дека осигурениците – жени кои користат отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство се во нерамноправна положба во од нос на другите осигуреници за кои законот не го условува правото на надоместок на плата со времетраењето на осигурувањето. Судот смета дека правата на осигурениците кои произлегуваат од здравственото осигурување треба да бидат еднакви за сите осигуреници. Злоупотребите на ова право од страна на поединци (што не е карактеристика само на жените – трудници) не може да биде основ оваа категорија на осигуреници да се става во понеповолна положба од другите особено ако се има предвид улогата на мајката во биолошката репродукција и потребата на децата да им создадат услови за нормален развој како и уставната обврска на Републиката да ги заштитува мајчинството и децата.
Ако се претпостави дека бременоста, раѓањето и мајчинството не е состојба која се случува ненадејно туку е состојба која може да се планира, а случаите на болест и повреда на работа не можат однапред да се планираат и предвидуваат се наметнува размислување дека има логика во предвидениот услов за претходно осигурување од најмалку шест месеци што е пократок период од периодот во кој може да се остварува надомест на плата во траење од девет месеци.
Меѓутоа, според Законот за здравственото осигурување, остварувањето на правото од задолжителното здравствено осигурување е условено со плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување, при што сите осигуреници плаѓаат прид онес, а права користат само оние кои имаат потреба. Оттука, произлегува дека во здравственото осигурување е воспоставен принцип на взаемност помеѓу правата на осигурениците и плаќањето на придонес за здравствено осигурување.
Поради тоа, Судот ссмета дека оспорениот член од Законот не е во согласност со Уставот, покрај другото и поради фактот што условувај]и го правото на надоместок на плата за време на отсутност од работа поради бременост, рање и мајчинство со времетраењето на осигурувањето законодавецот не водел сметка за остварување на принципот на солидарност и взаемност.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.85/2000)

27 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply