194/1999-2-0

194/1999-2-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на Одлуката за начинот на изградба во населените места во општина Чучер-Сандево кои немаат урбанистичка документација бр.07-271/3 од 23.06.1999 година, донесена од Советот на општината, а објавена во “Службен гласник на општина Чучер-Сандево” бр.5/99.

2. СЕ УКИНУВА решението со кое се запира извршувањето на евентуално донесените поединечни акти донесени во врска со изградба на објекти или преземање на други дејствија, согласно делот од графичкиот прилог за населеното место Кучевиште со кој е опфатена месноста “Кучевачка Бара”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр. 194/99 од 1 март 2000 година поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката за начинот на изградба на населените места во општина Чучер-Сандево кои немаат урбанистичка документација бр.07-271/3 од 23.06.1999 година, донесена од Советот на општината, а објавена во “Службен гласник на општина Чучер-Сандево” бр.5/99, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 42 точка 3 од Законот за локалната самоуправа. Со наведеното решение, Судот истовремено го запре извршувањето на евентуално донесените поединечни акти во врска со изградба на објекти или преземање на други дејствија, согласно делот од графичкиот прилог за населеното место Кучевиште со месноста “Кучевачка Бара”.

4. Судот на седницата, врз основа на документацијата доставена од страна на доносителот на актот, како и од увидот извршен во документацијата што се наоѓа во Републичката геодетска управа, сега Државен завод за геодетски работи, ја утврди следната фактичка состојба во врска со границата меѓу општината Чучер-Сандево и општина Чаир, како две соседни општини кои меѓусебно граничат:

Според Описот и скицата на границата на општината Чучер-Сандево и границите на катастарските општини што и припаѓаат на оваа општина, како и според Описот и Скицата на границата на општина Чаир и границите на катастарските општини што и припаѓаат на оваа општина, кои е изготвени по донесувањето на Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96), а врз основа на член 10 од истиот закон, како и според записниците и скиците за разграничување на катастарските општини што се наоѓаат во Републичката геодетска управа спорната месност “Кучевачка Бара” и припаѓа на катастарската општина Кучевиште.

Исто така, и според катастарот, односно катастарските елаборати изготвени од Републчката геодетска управа, а врз основа на кои се утрдени и границите на општините според новиот Закон за територијална поделба на Република Македонија и определувањето на подрачјата на единиците на локалната самоуправа стои дека Кучевачка Бара е во границите на КО Кучевиште, кое пак како населено место е во состав на општина Чучер-Сандево.

Во врска со Анексот кон подеталниот опис на границите на општините на град Скопје според Законот за градот Скопје, кој што инаку беше и основен доказ за утврдување на фактичката состојба утврдена во претходната постапка, а врз основа на која се засноваше и Решението за поведување на постапката за оценување на законитоста на оспорената одлука, во дополнително спроведената постапка утврдено е дека Републичката геодетска управа, преку свои претставници само од стручен аспект учествувала во изготвувањето на овој анекс по барање на тогашното Министерство за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина кое било и иницијатор за промена на првобитно утврдената граница меѓу општините Чучер-Сандево и Чаир во делот на границата со КО Кучевиште и тоа во смисла месноста Кучевачка Бара, како дел од КО Кучевиште, да и припадне на општината Чаир. Исто така, утврдено е дека досега се уште не бил изготвен записник со опишување на границите на лице место и со поставување на гранични белези и знаци, ниту е израб
отена скица за разграничување на границата согласно Анексот, никту пак анексот е спроведен во катастарот, односно се уште не се извршени промени во катастарските елаборати согласно анексот, според кој Кучевичка Бара би требало да и припадне на општина Чаир.

Од напред наведеното произлегува дека спорната месност “Кучевачка Бара” согласно постапката спроведена во смисла на членот 10 од Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа е утврдена во границите на КО Кучевиште и и припаѓа на општината Чучер-Сандево, а не на општината Чаир, и дека оваа граница досега не е променета со оглед дека постапката за промена на границите меѓу овие две општини во спорниот дел се уште не е правосилно завршена, но се наоѓа во фаза на предлог за промена што ја иницирало Министерството за урбанизам, со изготвување на Анексот кон подеталниот опис на границите на општините на град Скопје според Законот за градот Скопје. Инаку, согласно член 28 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, за менување на границите на катастарските општини за кои е извршен премер и катастар на недвижностите е надлежна Владата на Република Македонија, која што, исто така, согласно член 7 од Законот з
а територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа е надлежна за решавање на споровите за ганиците меѓу општините.

5. Судот на седницата, исто така, утврди дека оспорената одлука во целина, чиј составен дел според нејзините членови 2 и 3 се и графичките прилози, е потпишана од страна на преседавачот на Советот на општина Чучер-Сандево и оцени дека незаверувањето и непотпишувањето на секој графички прилог посебно не е од значење и влијание за законитоста на оспорената одлука од аспект на член 42 точка 3 од Законот за локалната самоуправа. Ова и од причини што графичките прилози немаат важност и неможат да се реализираат без донесување на оспорената одлука и што истите согласно член 16 од Одлуката се заверуваат со печат на Советот и со потпис на претседавачот на Советот на општината по донесување на Одлуката од што произлегува дека нивното посебно заверување и потпишување не е услов за донесување на оспорената одлука, но е прашање од фактичка природа за чие утврдување не е надлежен Уставниот суд.

6. Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја запре постапката, меѓу другото, и ако утврди дека поведувањето на постапката за оценување на уставноста и законитоста било засновано врз погрешно утврдена фактичка состојба или ако по утврдувањето на фактичката и правната состојба во текот на постапката отпаднат основите за сомневање во уставноста и законитоста.

Со оглед дека Судот на седницата утврди поинаква, односно сосема нова фактичка и правна состојба во однос на фактите и околностите врз основа на кои се засноваше решението за поведување на постапката за оценување законитоста на оспорената одлука оцени дека се исполнети условите за примена на членот 47 од Деловникот, поради што и одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Со оглед на конечноста на решението за запирање на постапката, следуваше Судот да го укине и решението означено во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.194/99
18 октомври 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply