35/2000-0-0

35/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 1 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2000) и член 2 став 4 од Законот за изменување на Законот за акцизите во делот “излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија” (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението У.бр.35/2000 од 17 мај 2000 година за запирање од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените членови.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Борис Кондарко и Никола Поповски од Скопје и по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување уставноста на член 1 и член 2 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите (“Службен весник на РМ” бр.9/2000 и 43/99) затоа што тие не биле во согласност со Уставот.

Истовремено Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените членови.

5. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот за изменување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2000) член 10 став 2 се менува и гласи: “Акцизата од став 1 на овој член се утврдува периодично како разлика меѓу изелзната рафинерсика и производната рафинериска цена, при што пропишаната акциза во тарифен број 1 за одделните нафтени деривати од точките 1), 2), 3) и 7) претставува просечен износ на акциза во даночниот период на годишно ниво.

Судот исто така утврди дека во членот 2 став 4 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99) со кој се менува член 10 од Законот за акцизите е предвидено дека “излезната рафинерсика цена за секој дериват од став 2 на овој член е производна рафинериска цена за секој дериват плус акцизата. Излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија.

Од анализата на содржината на наведената одредба произлегува дека акцизата како јавна давачка не е утврдена во фиксен износ туку претставува просечен износ во даночниот период на годишно ниво односно таа варира во определени даночни периоди како разлика меѓу излезната рафинериска цена и производната рафинериска цена, а излезната рафинериска цена ја утврдува Владата на Република Македонија.

6. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Во член 1 став 2 од Законот за акцизата е предвидено дека акццизата претставува посебен вид на данок на промет на производи определени со овој закон.

Од наведените одредби произлегува дека акцизата е јавна давачка која ја утврдува Собранието.

7. Имајќи ги предвид наведените одредби произлегува дека акцизата е јавна давачка која ја утврдува Собранието. Утврдувањето односно воведувањето на јавните давачки, како и утврдувањето на нивните битни елементи (обврзник, основица, стапка, олеснување и ослободување) треба да бидат утврдени со закон од страна на Собранието. Според тоа даночните обврски мора да бидат утврдени јасно и разбирливо за даночниот обврзник, а утврдувањето на даночната обврска опфаќа не само воведување на јавната давачка туку утврдување и на елементите на јавната давачка меѓу кои елементи спаѓа и висината на даночната стапка.

Со оглед на тоа што висината на стапката на јавната давачка односно на акцизата во конкретниот случај не е утврдена со Закон туку тоа е допуштено да го прави Владата врз основа на просечниот износ на акцизата Судот смета дека на Владата и се пренесени овластувања кои се во исклучува надлежност на Собранието.

Притоа, Судот смета дека Владата може да предвидува механизми односно да му предлага на Собранието инструменти за т.н. упросечување на висината на акцизата меѓутоа самото утврдување на акцизата треба да го направи законодавното тело односно Собранието. Од одредбата на член 2 став 4 произлегува дека Владата ја утврдува излезната рафинериска цена која содржи производна рафинериска цена плус акциза. Во другите ставови на член 2 од Законот за изменување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/99), регулирано е што претставува производна рафинериска цена, а тоа е цената на прагот на рафинеријата за секој дериват утоварен во превозно средство, а што претставува излезна рафинериска цена, а тоа е производна рафинериска цена плус акциза.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај во Законот акцизата како јавна давачка не е утврдена во фиксен износ, туку таа претставува просечен износ на акциза во даночниот период на годишно ниво, односно таа варира во одделни даночни периоди, Судот смета дека Владата ја утврдува акцизата периодично, што не е во согласност со Уставот.

Од друга страна, пак, имајќи предвид дека во оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2000) не е наведено кој ја утврдува акцизата периодично, Судот оцени дека наведената одредба и од тој аспект е нејасна и неприменлива и е во спротивност со член 33 и 68 од Уставот на Република Македонија,

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски

У.бр.35/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply