65/2000-0-0

65/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000).

2. Боривоје Богдановски од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 37 од Законот означен во точката 1 од ова решение бидејќи со него било предвидено усогласувањето на пензиите според движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија да се врши само во висина од 20% од процентот на порастот на платите наместо во висина на целиот тој процент, со што граѓаните- пензионери се ставале во нерамноправна – понеповолна положба во однос на граѓаните -вработени, што не било во согласност со член 9 став 2 и член 35 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 37, кој е изменет со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник” бр.24/2000) усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 80% и движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 20%.

Пензијата од став 1 на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на движењето на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие и процентот на движењето на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.

Заради примена на став 1 од овој член пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на платите од декември претходната година во однос на просечната плата од истата година.

4. Во член 9 став 1 од Уставот утврдено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот,расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло,политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа и слободен избор на вработување (став 1), секој вработен има право на заработувачка (став 3), на платен, дневен, неделен и годишен одмор (став 4), а според ставот 5 од овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот, како основни социјално-економски права, меѓу другите се утврдени и правото на работа, правото на социјална сигурност и правото на социјално осигурување, кои што права инаку имаат основ и едновремено се израз и на социјалниот карактер на Република Македонија, како држава (член 1 од Уставот).

Меѓутоа, наведените права Уставот само начелно ги утврдува, а определувањето на нивната содржина во смисла на утврдување на посебните видови права што им припаѓаат на граѓаните врз основа на овие членови од Уставот, категоријата на граѓани кои можат да ги остваруваат тие права, нивниот обем и висина, условите, средствата и постапката за остварување на тие права е предоставено на уредување со закон и колективен договор. Тоа значи дека законодавецот има широк простор за уредување на бројни релевантни прашања и односи кои се од значење за остварување на сите наведени три вида на права утврдени со Уставот, со тоа што автономијата на законодавецот при уредувањето на сите тие прашања и односи во законите од овие области единставено е ограничена со обврската за почитување на уставните принципи и начела, а пред се на начелото на еднаквост, односно на уставната забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општеставената положба.

Врз основа на уставното овластување за поблиско уредување на остварувањето на правата на вработените и нивната положба законодавецот со Законот за работните односи поконкретно и детално ги уредува сите прашања што се од значење за остварување на правото на работа и во тие рамки ги утврдил условите и начинот на засновање на работен однос, видовите на права на работниците и нивната положба (работно време, одмори и отсуства, заштита при работа, посебната заштита на жената, младината и инвалидните работници, плата и надоместоци на плата), условите и начинот на престанок на работниот однос, заштитата на правата на работниците и др.

Пензиското и инвалидското осигурување, како дел на социјалното осигурување, кое законодавецот исто така, согласно уставното овластување го уредил со Законот за пензиското и инвалидското осигурување ги опфаќа: правото на старосна инвалидска и семејна пензија, правото на распоредување на друго соодветно работно место, право на соодветно вработување, право на преквалификација или доквалификација, правото на најнизок износ на пензија, правото на соодветни парични надоместоци и др., кои права се стекнуваат и остваруваат во случај и под услови утврдени со тој закон. Во рамките на ова свое овластување законодавецот во оспорениот член од овој закон го уредил и прашањето за основот и начинот на усогласувањето на пензиите.

Имајќи го предвид наведеното, а со оглед дека со оспорениот член од Законот усогласувањето на пензиите е уредено на ист начин и подеднакво се однесува на сите корисници на пензии, без разлика по кој основ тие ја оствариле пензијата и дека целта на тоа усогласување е зголемување, а не намалување на пензиите што е во функција, пак, на обезбедување на повисоко ниво на социјална сигурност на оваа категорија на граѓани, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на овој член од Законот со начелото на еднаквост утврдено во член 9 став 2, ниту со членовите 34 и 35 став 1 од Уставот.

Тоа, што пак, усогласувањето на пензиите, според оспорениот член не се врши во висина на процентот на зголемувањето на нето платите како што подносителот смета, туку само во висина од 20% од тој процент, според мислењето на Судот не значи повреда на уставното начело на еднаквост. Имено, со оспорениот член не се создава нееднаквост меѓу пензионерите, од една страна и вработените од друга страна, бидејќи во случајот се работи за две различни права кои граѓаните ги оставаруваат по различни основи и критериуми утврдени во два посебни закони, така што вработените и пензионерите во однос на остварувањето на правото на плата, односно на пензија, се наоѓаат во различна правна положба поради што и не може да се изедначуваат во тој поглед.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.65/2000
5 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply