53/2000-0-0

53/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за начинот на изградба во населените места во Општина Чучер-Сандево кои немаат урбанистичка документација бр.07-29/8, донесена од Советот на Општина Чучер – Сандево, а објавена во “Службен гласник на Општина Чучер-Сандево” бр.1/2000.

2. Трајан Нешков од с. Кучевиште, Скопско на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, од причини што истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, како и со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, оспорениот акт бил донесен без претходна согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот, предвидена во членот 25 од Законот.

Покрај тоа, подносителот ја оспорува правната валидност на графичките прилози кои се составен дел на оспорената одлука, од причини што истите не биле заверени со печат од Советот на Општината и потпис од Претседавачот на Советот, утврдено во член 16 од оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1, со оваа одлука се уредува начинот на изградба во населените места Глуво и Бразда во Општина Чучер-Сандево кои немаат урбанистичка документација.

Од членот 3 до 15 од Одлуката поконкретно се уредува начинот на изградба на објектите во наведените населени места, и тоа во смисла на предвидување зони за стопанска активност и услови за изградба на објекти за земјоделски, сточарски и други производни активности; за објекти за живеење, јавни објекти, објекти за одмор, спорт и рекреација; се утврдува организацијата на сообраќајната, водоводната, канализационата и електричната мрежа; организацијата на дворното место и станбените објекти и сл.

Според член 17, надзор над примената на одлуката врши урбанистичко-градежната инспекција, а според членот 18, одлуката се применува до донесувањето на урбанистичка документација за соодветното населено место.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на државата.

Според член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Оспорената одлука е донесена врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој изградба во населено место, кое нема урбанистичка документација за населено место во општина, може да се врши до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. При тоа, општиот акт се донесува по претходна согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Во конкретниот случај, Министерството надлежно за работите на урбанизмот дало согласност на оспорената одлука на 29.03.2000 година, со акт бр.10-2234, т.е. по донесувањето на одлуката.

Со оглед на тоа што одлуката фактички е донесена и објавена во Службениот гласник на општината, таа произведува правно дејство. Отсуството на законски поставениот услов (претходно дадена согласност) претставува пречка за донесувањето на одлуката. Подоцна добиената согласност не го конвалидира пропустот сторен пред донесувањето на одлуката, како законски императив.

Со оглед на тоа што не е почитувана целокупната постапка за донесување на оспорената одлука, односно не е добиена претходната согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, Судот оцени дека истата не е во согласност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а со тоа и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа што графичките прилози претставуваат составен дел на одлуката, ставот на Судот изнесен во точката 1 од ова решение се однесува и на графичките прилози.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.53/2000
5 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply