213/1999-1-0

213/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) членот 10 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96),

б) член 40 од Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на вршењето на комуналните дејности во Општина Крива Паланка и Ранковце, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/99).

3. Љупчо Митровски од Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 под а) и б) и за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 2 на ова решение.Според наводите во иницијативата правото на основање и управување со јавните претпријатија за комунални дејности, согласно Уставот и Законот за локалната самоуправа било во исклучива надлежност на единиците на локалната самоуправа Поради тоа не само оспорената одлука на Владата не биле во согласност со Уставот, туку и одредбите, се мисли на член 10 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици и единиците од кои произлегуваат, и на член 40 од Законот за комунални дејности не биле во согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа и Законот за јавните претпријатија.

Преземањето на функциите на локалната самоуправа од областа на комуналното уредување било одземање на изворните функции на општината и воведување на “присилна управа” и суспендирање на легално избраните органи на претпријатието (директорот, управниот одбор и претставниците на општините, во случајов Крива Паланка и Ранковце). При тоа, истакнува дека Јавното претпријатие “Комуналец” Крива Паланка во изминатиот период работело солидно и остварило добра соработка со двете оштини и во ниеден случај не биле загрозени управувачките права на општините, ниту пак било доведено во прашање снабдувањето со вода за пиење, чистењето на улиците, одржувањето на гробиштата, изнесувањето на сметот, одржувањето на канализационата мреже во двете општини и Владата немала основ да ја преземе грижата за вршење на комуналните дејности.

4. Судот на седницата утврди дека според член 10 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат, доколку општините во рок од три месеци од конституирањето на советот на општината односно изборот на градоначалниците не ги склучат спогодбите од член 9 од овој закон, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршењето на дејноста на комуналните јавни претпријатија, другите јавни претпријатија, јавни установи и јавни организации, а особено именувањето и разрешувањето на нивните органи на управување и раководење, а според член 40 од Законот за комуналните дејности доколку општините, односно Градот Скопје во рок определен со закон, не ја склучат меѓусебната спогодба од член 16 од овој закон или не обезбедат вршење на комуналните дејности, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршење на комуналните дејности од член 3 точки 1, 2, 3, 4, 6 и 7 на овој закон на товар на буџетот на единицата на локалната самоуправа, на начин утврден со овој и друг закон.

Со оспорената одлука Владата на Република Македонија ја презема грижата за вршење на комуналните дејности: производство и дистрибуција на вода (100310), пречистување и одведување на отпадни води (100320) и изнесување, депонирање и преработка на отпадоци (100352).

Според членот 2 на оваа одлука, со донесувањето на оваа одлука, Владата на Република Македонија ќе преземе активности за именување и разрешување на органите на управувањето и раководењето на Јавното претпријатие за комунални услуги “Комуналец” Крива Паланка, а според член 3, вршењето на комуналните дејности од член 1 на оваа одлука, Владата на Република Македонија ќе ја врши на товар на средствата на Буџетот на општините Крива Паланка и Ранковце.

Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија.

Судот, исто така, утврди дека со Одлука за укинување на Одлуката за преземање на вршењето на комуналните дејности во општините Крива Паланка и Ранковце, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/2000), се укинува Одлуката за преземање на вршењето на комуналните дејности во општините Крива Паланка и Ранковце бр.23-4541/1 од 24 септември 1999 година, поради исполнување на условите од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службениот весник на Република Македонија” бр.59/96), во однос на уредувањето на статусот и работата Јавното претпријатие за комунални услуги “Комуналец” -Крива Паланка, со што се исполнети условите јавното претпријатие да прерасне во Меѓуопштинско претпријатие за територијата на општината Крива Паланка и Ранковце.

5. Во членот 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени и владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и локалната самоуправа.

Во член 115 од Уставот е предвидено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку свои претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење во областите утврдени со Уставот и во други области утврдени со закон, а според ставот 2 на овој член, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Во членот 4 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), е предвидено дека единиците на локалната самоуправа се самостојни во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот, со овој закон и со друг закон, а според ставот 2 на овој член, на единиците на локалната самоуправа вршењето на работите од став 1 на овој член, не може да им се огрнаичи со акти на органите на Република Македонија, освен во случаите и под условите утврдени со закон во однос на законитоста на нивната работа, во согласност со Уставот. Во ставот 3 на овој член е предвидено дека Републиакта врши надзор над законитоста во вршењето на работите, како и над наменското трошење на средствата во случаите кога на единиците на локалната самоуправа ќе им довери раобти од надлежност на органите на државната управа.

Оспорената одредба од Законот за комуналните дејности е поместена во преодните и завршните одредби од што произлегува дека уредува преоден режим во вршењето на комуналните дејности и тоа преку преземање грижа за нивно вршење од страна на Владата на Република Македонија и има предвид две ситуации – едната кога општините, односно Градот Скопје во определен рок опредлен со закон не склучат меѓусебна спогодба од член 16 на овој закон, и втората ситуација кога општините не обезбедат вршење на комуналните дејности. Рокот за склучување на меѓусебна спогодба е определен во член 10 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Слчужбен весник на Република Македонија” бр.59/96), според кој, доколку општините во рок од три месеци од конституирање на советот на општината, односно изборот на градоначалниците, не ги склучат спогодбите од член 9 на овој закон, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршење на дејноста на комуналните јавни претпријатија, а особено именувањето и разрешувањето на нивните органи на управување и раководење, а членот 9 од овој закон ги има предвид новооснованите општини и општината од која произлегле и содржи императив во рок од три месеци од денот на конституирање на советот на општината односно изборот на градоначалниците на општините, статусот, работата и односите во јавните комунални претпријатија ќе ги регулираат со спогодба и доколку не ги склучат спогодбите во рок од три месеци, тогаш, согласно член 10 од овој закон Владата ја презема грижата за вршење на дејноста на комуналните јавни претпријатија.

Дали пак спогодбата не е склучена во законскиот рок или пак гружата за вршење на комуналните дејности од страна на Владата е преземена поради тоа што општините не обезбедиле вршење на комуналните дејности е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да го утврдува.

Според мислењето на Судот, не е спорно дека самостојноста на единиците на локалната самоуправа е гарантирана со Уставот, меѓутоа се поставува прашањето што со ова уставна гаранција ако се доведува во прашање остварувањето на другите уставни гаранции за правата на граѓаните.Со други зборови дали ако локалната единица не ги враши изворните права кој ќе ги обезбеди правата на граѓаните. Со други зборови дали ако локалната единица не ги врши изворните права кој ќе ги обезбеди правата на граѓаните (правото на задоволување на комуналните потреби, право на здрава животна средина и друго).

Од друга страна, грижата на Владата за вршење на комуналните дејности Законот за комуналните дејности ја ограничил само во таксативно наброените состојби и услови, кога општините всушност не се уште консолидирани и оспособени да ги вршат комуналните дејности, односно за одреден период општините не се самостаојни и доколку престанат условите односно општините склучат спогодба или на друг начин ќе се оспособат за вршење на комуналните дејности, состојбата воспоставена со преземање грижата за нивно вршењеод страна на Владата престанува. Доколку, пак, се појави спор околу ова прашање за тоа одлучува надлежниот регистарски суд.

Со оглед на тоа Судот оцени дека не се повредува уставниот принцип за самостојност на општините поради што не се постави прашањето за уставноста на оспорените законски одредби.

Според член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената одлука со Одлука на Владата е укината, не постојат основи за оценување нејзината уставност и законитост, односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 213/99
28 јуни 2000 год.
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply