173/1999-0-0

173/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата од 28 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 54 став 1 алинеја 4, член 59 став 1 алинеја 3 и член 77 став 1 алинеја 2 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97).

2. Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби
од Законот биле несогласни со член 9 од Уставот на Република Македонија, затоа што како невработени лица, кои претходно имале таков статус, не ги сметал сопствениците, основачите на трговските друштва, претпријатијата или други правни лица, со што им го ускратувал правото на паричен надомест кое според Законот им припаѓало на невработените лица.

Во тој контекст, иницијаторот се повикува на одредбата од член 67 од истиот закон која го регулира прашањето во врска со неможноста на невработеното лице да го оствари правото на паричен надоместок и смета дека при постоење на една ваква одредба во Законот е непотребно во него да постојат оспорените одредби кои ова прашање го регулираат на поинаков начин (оспорува меѓусебна согласност на законските одредби). Имено, тој смета дека правото на паричниот надомест како право на невработеното лице претставува стекнато право по друг основ и, како такво, не треба да се доведува во корелација со сопственоста, односно основањето на трговско друштво, претпријатие или друго правно лице од страна на ова невработено лице.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 54 став 1 алинеја 4 од Законот како невработено лице не се смета лице кое е сопственик или основач на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице.

Согласно член 59 став 1 алинеја 3 од Законот евиденцијата на невработеното лице престанува да се води ако лицето основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице.

Во членот 77 став 1 алинеја 2 е предвидено дека правото на паричен надомест на невработеното лице му престанува ако основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице.

4. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Во членот 32 став 1 од Уставот, меѓу другото, е предвидено дека секој има право на материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Исто така, согласно член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Со член 1 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност е предвидено дека со овој закон се уредуваат прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Членот 2 од овој закон предвидува дека работодавец, во смисла на овој закон, е правно и физичко лице кое вработува работници.

Од наведените одредби се гледа дека Уставот го прокламира начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, нивното материјално обезбедување за време на привремена невработеност како и социјална заштита и социјална сигурност согласно со начелото на социјална праведност, а Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност ги уредува, прашањата во врска со вработувањето на граѓаните и нивното осигурување во случај на невработеност.

Притоа, со оспорените одредби, законодавецот предвидел дека како невработено лице не се смета сопственикот или основачот на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице за кое, како такво, претстанува да се води евиденција и на кое, како такво, му претстанува и правото на паричен надоместок.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека е несогласно со Уставот да се врши изедначување меѓу невработеното лице (кое нема никаков приход и прима паричен надомест-социјала, како еден вид осигурување во случај на невработеност) и лицето кое претходно имало таков статус, но кое успеало истиот да си го промени со основање или станување сопственик на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице.

Според Судот, законодавецот, раководен токму од начелото на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, во оспорениот закон предвидел дека сопственикот или основачот на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице не се смета како невработено лице, за него во тој случај престанува да се води евиденција како невработено лице и му престанува правото на паричен надомест како на невработено лице.

Имено, имајќи ја предвид и одредбата од член 2 од овој закон која дава дефиниција на работодавец во смисла што како таков го предвидува правното и физичкото лице кое вработува работници, Судот смета дека ваквото лице (работодавец) кое основа или е сопственик на трговско друштво, претпријатие или друго правно лице и во нив вработува работници, не треба да се смета како невработено лице, само затоа што таков статус имало пред да стане основач, односно сопственик на овие асоцијации и дека со задржувањето на статусот на невработеното лице истото би се ставило во привилегирана положба во однос на невработените лица кои не се ниту основачи ниту сопственици на некоја од наведените асоцијации.

Тоа што подносителот во иницијативата се повикува на одредбата од член 67 од Законот (според која право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице кое дало писмена изјава дека сака да му престане работниот однос; поради престанок на работниот однос на работникот со отказ од страна на работодавецот, поради кршење на работната дисциплина; поради одбивање на обука, преквалификација или доквалификација за друго работно место и сл.), нагласувајќи дека законодавецот со овој член веќе ги предвидел случаите кога граѓанинот како невработено лице не може да го оствари правото на паричен надоместок и дека оспорените одредби од Законот не кореспондираат со одредбата од членот 67 од истиот закон, (независно што Судот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законските одредби) сепак оцени дека е тоа последица од фактот што подносителот на иницијативата не прави разлика меѓу неможноста на остварување на правото на паричен надомест поради престанок на работниот однос (на еден од наведените начини) и престанок на правото на надоместок како последица на фактот дека невработеното лице станало сопственик, односно основач на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице.

Тоа што законодавецот предвидува право на паричен надомест на невработеното лице, според Судот претставува реализација на одредбата од членот 32 од Уставот која, меѓу другото, го предвидува правото на граѓаните на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и не може да претставува правен основ статусот на невработеност и правото на паричен надомест, да се оквалификува како веќе стекнато право кое не треба да згасне ни во ситуација кога таквиот граѓанин ќе стане сопственик, односно основач на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице.

Ова дотолку повеќе, што е познато дека сопствениците, односно основачите на трговското друштво, претпријатие и друго правно лице за да станат сопственици, односно основачи на една од овие асоцијации треба да вложат капитал во истата, а со самиот факт дека поседуваат капитал Судот смета дека овие лица би требало да го изгубат статусот на лице на кое треба да му се пружа социјална заштита и обезбедува социјална сигурност, согласно со начелото на социјална праведност (член 35 став 1 од Уставот).

Имено, според Судот, во овие ситуации, со гасењето на статусот на невработено лице, а со тоа и губењето на привилегиите што ваквиот статус ги носи, законодавецот се придржувал на начелото на социјална праведност и затоа определил во оспорените членови од Законот овие лица да не се сметаат како невработени, да престане да се води евиденција за нив како такви и да им престане правото на паричен надомест по тој основ.

Дали, пак, ваквото трговско друштво или претпријатие ќе работи профитабилно, е прашање од фактичка природа за што не е должен да води грижа ниту законодавецот, а истото излегува и од доменот на надлежноста на Судот.

На крај, според мислењето на Судот, ако се почитува начелото на еднаквоста на сите граѓани пред Уставот и законите и начелото на еднаквоста на граѓаните без разлика на полот, расата, вероисповеста и слично, тогаш граѓаните кои со сопствен капитал овозможиле да се формира претпријатие односно друштво, а со тоа едновремено овозможиле да се вработуваат и други лица во него, не би можеле да имаат статус на невработено лице кое ќе прима паричен надомест, односно социјала по тој основ. Поточно, Судот смета дека не е согласно со уставното начело на еднаквоста, определена категорија на граѓани која е во состојба да основа претпријатие и кои по сопствена желба ќе одлучуваат дали себе си ќе се вработат во истото или ќе го задржат само статусот на основачи, односно сопственици на истото, (врз основа на што ќе добиваат надомест во вид на дивиденда) да се изедначуваат со граѓаните кои се во безизлезна економска состојба и добиваат социјална помош согласно со начелото на социјална праведност.

Со други зборови, за Судот е правно неосновано да едно лице кое е во состојба да формира претпријатие или друштво, (независно од тоа што не е работодавец) со што овозможува други лица да се вработуваат, а самото не сака, односно не се вработува (значи зависи од неговата желба) да се смета како невработено само затоа што таков статус имало пред да стане основач, односно сопственик и дека тој статус не треба и не може во иднина да се менува, бидејќи претставува веќе стекнато право.

Во тој контекст наводите на иницијаторот дека здобивањето статус на невработено лице претставува стекнато право и како такво не може да се менува кога истото лице стане сопственик или основач на друштво (во кое тој не се вработува, а дава можност други лица да се вработуваат), според Судот не стојат поради следното:

Познато е дека стекнатото право, всушност претставува субјективно право засновано врз општи акти односно норми од објективното право и кое не може да биде укинато ниту оштетено со нови норми од објективното право (на пример: ако со еден закон била определена извесна висина на пензијата на едно лице, таа со идните закони не може да биде намалувана).

Меѓутоа, во случајов, и кога би се работело за стекнато право, неговата природа е непостојана (статусот на невработеното лице е променлива категорија), не би можело со сигурност да се каже дека државата потполно ќе се откаже од своето суверено право таквото стекнато право да го укине или ограничи, од причина што може да доведе до состојба во која стекнатото право би предизвикувало големи штети на општествените односи.

Имено, неспорно е дека интенцијата за запазување на стекнатото право претставува еден постулат на здравата правна политика, за која, во границите на можностите треба да се води грижа, но не по цена на попречување на развојот на правото и општествените односи, поради што Судот оцени дека субјективно стекнатото право, односно статус на невработено лице може да се менува со објективното право, односно со објективно настнатата правна состојба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.173/99
28 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply