78/2000-0-0

78/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата на РИК “Силекс” АД – Кратово за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението за пренесување право на сопственост на недвижен имот од Република Македонија на Општина Струга врз основа на спроведен делбен биланс бр.23-257/96, донесено од Владата на Република Македонија на 8 февруари 2000 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/2000).

2. РИК “Силекс” АД – Кратово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението означено во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Претпријатието за одмор, рекреација и угостителство “Галеб” – Струга престанало со работа и било бришано од судскиот регистар поради припојување кон АД Рударско индустриски комбинат “Силекс” – Кратово со решение на Окружен стопански суд – Битола С.рег.бр.2470/91 од 18 декември 1991 година. Истовремено, со решение на Окружен стопански суд – Скопје Срег. Бр.8066/91 од 19 декември 1991 година било извршено припојување на Претпријатието “Галеб” кон АД Рударско индустриски комбинат “Силекс” – Кратово. Ова решение било потврдено од Стопанскиот суд на Македонија со Решение Сеж.бр.647/92 од 2 април 1992 година, а жалбата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија била одбиена.

По повод барањето за заштита на законитоста на јавниот обвинител на Република Македонија одлучувал Врховниот суд на Република Македонија и при тоа со решение Гзз.бр.67/92 од 14 јули 1992 година го одбил барањето на Јавниот обвинител. Според тоа Рударско индустриски комбинат “Силекс” – Кратово правото на сопственост на хотелот “Галеб” и “Плажа” во Струга го стекнал деривативно и било изведено од правото на сопственост на неговиот претходник – Угостителското претпријатие “Галеб”, односно правото на сопственост на овие два објекта со извршената статусна променакоја не била спорна за правниот претходник преминала на “Силекс”.

Од овие причини оспореното решение не било во согласност со член 20 од Законот за основните сопственосно правни односи, кој како сојузен пропис, согласно Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички пропис.

Оспореното решение не било во согласност со член 60 од Законот за локалната самоуправа, затоа што оваа одредба ги уредува односите за имотот на единиците на локалната самоуправа, а не и на имотите на стопанските субјекти. При тоа укажува дека доколку Фондот за пензиско инвалидско осигурување и општината Струга полагаат право на сопственост спрема процентот на учеството во изградбата на објектот, тоа треба прво да се утврди. Исто така, во инцијативата подносителот поставува прашање по кој основ Владата на Република Макдонија се смета за сопственик на објектите на хотелите “Галеб” и “Плажа” кога досега не се евидентирани како нејзин имот па по тој основ да ги пренесе на Општина Струга. Во Основниот суд – Струга се водел имотен спор во кој како тужители се јавувале Република Македонија, Општината Струга и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и како тужен “Силекс”, меѓутоа, во овој спор сеуште немало одлука, па оттука при нерасчистени имотни односи, Владата не можела да се јавува како сопственик и во делбениот биланс со Општина Струга да го пренесе во сопственост на оваа општина, се додека надлежниот суд не го определи титуларот на сопставеноста на објектите.

3. Судот на седницата утврди дека оспореното решение е донесено врз основа на член 3 став 1 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96).

Според точката И од ова решение делбениот биланс меѓу Републиката и општините се извршува со пренесување право на сопственост на недвижен имот од Републиката на Општина Струга. Во точката ИИ од Решението е определен имотот кој Републиката го пренесува правото на сопственост на Општината Струга, со точно

назначување на објектите, катастарските општини и катстарските парцели, меѓу кој и на објектот Хотел “Плажа” и Хотел “Галеб” во Струга. Во точката ИИИ е предвидено дека запишувањето на правото на сопственост на недвижниот имот ќе го спроведе Републичката геодетска управа.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македоникја Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на општите акти со Уставот и законите.

Од содржината на оспореното решение произлегува дека ова раешение Владата го донела во спроведување на Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа кои произлегуваат, односно по извршениот делбен биланс меѓу Републиката и општините. Според мислењето на Судот со оспореното решение не се уредуваат сопставеносни права на општ начин туку преку конкретен однос Република-општина се пренесува правото на сопственост на определени објекти од Републиката на општината. Според оспореното решение не претставува општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за чија уставност и законитост одлучува Уставниот суд.

Судот, исто така, смета дека прашањата што се покренуваат со иницијативата се во доменот на сопставеничките права врз точно определени објекти и доколку подносителот смета дека Републиката не е сопственик односно дека сопственоста по основ на извршени статусни промени му припаѓа нему, се прашања за кои одлучува надлежен суд, а не Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што оспореното решение не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за чија уставност и законитост одлучува Уставниот суд на Република Македонија Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по иницијативата.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.78/2000
21 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply