140/1999-0-0

140/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката за воспоставување на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Кина, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр. 7/99).

2. Туше Гошев адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката означена во т.1 од ова Решение, поради повеќе причини.

Најпрво во иницијативата се укажува дека пред оваа одлука, Владата на Република Македонија воспоставила дипломатски односи со Народна Република Кина, по што уследило заедничко коминике во седиштето на ООН во кое Република Македонија се обврзала да ја признае Владата на Народна Република Кина како единствена законска Влада на Народна Република Кина и Тајван како неделив дел од Народна Република Кина и потврдила дека Република Македонија нема да воспостави било каки форми на официјални односи со Тајван. Се смета дека ова коминике е меѓународен акт што ја обврзува Република Македонија и дека тој е во согласност и со резолуцијата на ООН бр.2758 од 25 октомви 1971 година за повторно враќање на легитимните права на Народна Република Кина во ООН со која претставницитае на Чанг Кај-Шек се отстрануваат од позициите што нелегитимно ги поседувале во ООН, за која се смета дека е автоматски прифатена од Република Македонија по основ на сукцесија на правните акти од бившата СФРЈ и дека со тоа станала “дел од внатрешниот правен поредок” во смисла на чл. 118 од Уставот. Оттука се извлекува заклучок дека со оспорената одлука се менуваат ратификувани меѓународни акти, што не може да се стори ниту со закон, а не пак со оспорената одлука на Владата.

Понатаму, се наведува дека Република Македонија и Народна Република Кина претходно склучиле низа меѓународни договори во кои постојат клаузули за територијата на Народна Република Кина како целина и кои се ратификувани од Собранието на Република Македонија, со што тие станале дел од внатрешниот правен поредок, па со оспорената одлука тие не може да се менуваат.

Исто така, се смета дека споменатото билатерално коминике е “потежок” вид на меѓународен договор од Одлуката на Владата и дека затоа е нарушена правната хиерархија и важењето на законите и ратификуваните меѓународни договори и со тоа е прекршен Уставот на Република Македонија во член 118.

Конечно, подносителот смета дека со оспорената одлука е повреден и член 119 од Уставот според кој изворно уставно право за склучување меѓународни договори има претседателот на Република Македонија, а Владата само кога тоа е предвидено со закон. Ова затоа што, како што се укажува, претседателот на Република Македонија и претседателот на Народна Република Кина во 1997 година потпишале заедничка изјава во која е содржана и клаузулата за територијата на Народна Република Кина (што ја вклучува и територијата на Тајван), која како меѓународен документ има приоритет пред било каков акт на Владата, па и оспорената одлука. Освен тоа, се укажува дека при донесувањето на оспорената одлука е повредена и процедурата за склучување на меѓународни договори предвидена со Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, затоа што не е исполнета законска обврска Владата да го запознае претседателот на Република Македонија со предлогот за водење на преговорите и со нацртот на меѓународниот договор, со што е предизвикан и судир на надлежностите помеѓу претседателот и Владата.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената Одлука Владата на Република Македонија одлучила Република Македонија да воспостави дипломатски односи со Република Кина на амбасадорско ниво и го задолжило Министерството за надворешни работи истата да ја спроведе.

Судот исто така утврди дека пред донесувањето на оспорената одлука, на 27 јануари 1999 година министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Кина потпишале заедничко соопштение за воспоставување на дипломатски односи помеѓу двете земји.

4. Според член 91 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија помеѓу другото, воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави, а според алинеја 8 на истиот член таа одлучува и за признавање на држави и влади.

Согласно член 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со Закон.

Во член 119 став 1 од Уставот е предвидено дека меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува Претседателот на Република Македонија, а според став 2 на овој член, меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.

Според чл. 2 од Виенската конвенција за дипломатски односи, воспоставување на дипломатски односи помеѓу државите и испраќањето на постојани дипломатски мисии се врши врз основа на меѓусебна согласност.

5. Основното прашање што Уставниот суд треба да го реши во контекст на изложените уставни одредби и наводите во иницијативата, е да ја определи природата на оспорената одлука како претпоставка за надлежноста на Судот. Во тој поглед, Судот не се задржа само на формата на оспорената одлука, туку и на нејзините суштински обележја кои ја определуваат нејзината природа во рамките на разграничувањето помеѓу чл. 91 ст. 8 и 9, од една, и на чл. 118 и 119 од Уставот, од друга страна.

Имено, неспорно е дека според чл.91 алинеја 8 и 9 од Уставот Владата на Република Македонија има непосредно уставно овластување да признава држави и влади и да воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави. Според оценка на Судот, актите со кои Владата ги остварува овие овластувања, имаат изразит карактер на акти со кои се води определена меѓународна политика во определено време и дека имаат политички карактер, независно од нивната форма. Последиците од тие акти во меѓународните односи на државата несомнено имаат и правен карактер, согласно чл. 2 од Виенската конвенција за дипломатски односи, но не претставуваат дел од внатрешниот правен поредок било како извори на правото (прописи), било како акти чија содржина е ограничена со правото, освен во поглед на надлежноста за нивно донесување.

Оспорената одлука, па и означеното Заедничко соопштение за воспоставување на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Кина, несоменено потпаѓаат под означените политички овластувања на Владата од чл. 91 алинеја 8 и 9 од Уставот.

Од друга страна членовите 118 и 119 од Уставот регулираат друг контекст од меѓународните односи поврзани со меѓународните договори кои, под условите утврдени со Уставот, можат да станат дел од внатрешниот правен поредок, а со тоа и да потпаднат под надлежност на Уставниот суд. Во тој комплекс на односи, Владата има сосема друга положба од онаа утврдена во чл. 91 алинеја 8 и 9, која освен со Уставот, е утврдена и со закон во согласност со Уставот. Разгледувајќи ја оспорената одлука, па и заедничкото соопштение од аспект на овие уставни одредби, Судот оцени дека тие акти не можат да се подведат под режимот на член 118 и 119 од Уставот како од формални, така и од содржински причини.

Во прв ред оспорената одлука, ниту Заедничкото соопштение, не се “ратификувани меѓународни договори” како услов на нивното важење како прописи во внатрешниот правен поредок, а освен тоа тие акти не содржат одредби за конкретни права и обврски на државите кои можат да имаат импликации врз внатрешниот правен поредок.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека природата на овластувањето на Владата од чл. 91 алинеја 8 и 9 од Уставот непосредно ја определува и природата на оспорената Одлука, како и на означеното Заедничко соопштение, како израз на политичка волја на една држава, односно на нејзините овластени органи да воспостави дипломатски односи со друга држава, без притоа да добијат каракатер на пропис во внатрешниот правен поредок. Контролата на тој акт, според тоа, е можна само преку облиците на политичка контрола во парламентарната демократија.

Со оглед на тоа што Уставниот суд, според член 110 од Уставот, одлучува за уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи, а оспорената одлука нема таков карактер, Судот одлучи како во т. 1 од оваа Решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.140/99
14 јуни 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply