5/2000-0-0

5/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на МЗ “9-ти Ноември” – Велес, донесена од Советот на Општина Велес, на 10 април 1998 година.

2. Нада Костадиновска од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Оспорената одлука не била во согланост со Законот за просторно и урбанистичко планирање затоа што била донесена врз Генералниот урбанистички план за Велес кој не бил ревидиран и покрај тоа што за тоа постоела законска обврска во определен рок по стапување во сила на овој закон да се ревидира.

Оспорениот план не бил во согласност со Законот и затоа што јавната анкета не била спроведена во постапка пропишана со овој Закон. Имено Нацртот на урбанистичкиот план не бил изложен на јавно место 15 дена за време на траењето на јавната анкета и што анкетниот лист во име на подносителот на иницијативата го пополнило неовластено лице со забелешка да се легализира, односно да се внесе во Деталниот урбанистички план за оваа урбанистичка единица без правно изградена куќа.

Оспорената одлука не била во согласност со Законот и затоа што на Деталниот урбанистички план не била дадена согласност за негово спроведување од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на Одлуката за организирање и спроведување јавна анкета по Нацрт измените и дополнувањата на Деталниот урбаниситички план МЗ “9-ти Ноември”, јавната анкета е спроведена со излагање на планот во просториите на Општина Велес и тоа според соопштението за спроведувањето на јавната анкета за времето од 12 јануари до 26 јануари 1998 година надлежниот орган – Подрачната единица за урбанизам во соработка со главниот архитект на Велес по одржаната стручна консултација, изготвил извештај за спроведената јавна анкета.

Понатаму Судот утврди дека на оспорениот план е изврашена стручна ревизија од овластена организација АД Завод за урбанизам и станбено комунална техника на Република Македонија – Скопје.

Судот, исто така утврди дека Министерството за урбанизам и градежништво нема дадено согласност за спроведување на Планот.

4. Според членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизација на простоот.

Според член 2 став 1 од Законот за просторно и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр. 4/96, 28/97 и 18/99) просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат, а во членот 4 став 1 од Законот, со просторното и урбанистичкото планирање се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на прсторот, услови за хумано живење и работа на граѓаните.

Во член 7, исто од овој закон е предвидено дека во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесуваат, меѓудругото, генерален урбанистички план и детален урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 3 на овој член, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета според неговиот став 4, јавната анкета ја спроведува општината.

Согласно членот 18 од Законот јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за планот, со образложение за неприфатените забелешки изработува општината, односно Градот Скопје.

Тргнувајќи од утврдената фактичка положба по предметот дека по нацртот на оспорениот план е спроведена јавна анкета, дека планот бил изложен на јавно место најмалку 15 дена, бидејќи рокот се смета од денот на излагањето на планот, а не од наредниот ден од неговото излагање, а имајќи ја предвид и околноста што спроведувањето на јавната анкета со излагање на планот поради слабиот одзив на граѓаните рокот бил предложуван преку повик до граѓаните, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и со Законот од аспект на рокот за спроведување на јавната анкета.

Согласно член 51 став 1 од Законот (поместен во преодните и завршните одредби), основните урбанистички планови донесени пред влегувањето во сила на овој Закон, се применуваат како генерални урбанистички планови, до нивното усогласување со овој закон.

Со оглед на тоа што основните урбанистички планови се применуваат како генерални урбанистички планови до нивното усогласување со овој закон, што значи дека не постои законска обврска да се усогласаат во определен рок, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука од аспект на тоа што е донесена врз основа на Основниот урбанистички план на Велес.

Во поглед на наводот во иницијативата дека место подносителката на иницијативата анкетираниот лист неовластено го пополнило друго лице, Уставниот суд не е надлежен да ја испитува таа околност.

Меѓутоа, со оглед на тоа што не е дадена согласност за спроведување на Планот согласно законското решение содржано во членот 22 од законот дека деталните урбанистички планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, што според мислењето на Судот исто така е дел од постапката за донесување на урбанистичките планови, и дека плановите за кои не е издадена ваквата согласност се сметаат дека не се донесени, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со ставовите 6 и 7 на овој член од Законот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.5/2000
14 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply