233/1999-1-0

233/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7.06.2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.359/99 од 14 мај 1997 година.

2. Здружението на стечајните работници на Општина Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа бил повреден член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија и се создавала нееднаква положба помеѓу стечајните работници и трудовите инвалиди.

3. Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Во Уставот и во Деловникот на Уставниот суд не е предвидено правно средство против одлуките на Судот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што против конечните и извршните одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, не се дозволени правни средства, Судот утврди дека постојат апсолутни процесни пречки да одлучува по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.233/99
7 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply