76/2000-1-0

76/2000-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 40 став 1 точка 3 од Законот за Агенцијата за разузнавање (“Службен весник на РМ” бр.19/95).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи со оспорената одредба се ограничувале условите за остварување на правото на штрајк во Агенцијата за разузнавање, што не било во согласност со член 38 став 2 и член 54 став 1 од Уставот. Според иницијаторот, се што требало да се уреди во врска со штрајкот можело да се уреди единствено со закон, а не со подзаконски пропис.

3. Судот на седницата утврди дека според член 40 став 1 точка 3 од Законот, директорот на Агенцијата ќе донесе подзаконски пропис за работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат во времето на штрајкот.

4. Со членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање, Агенцијата е надлежна да собира податоци и информации од значење за безбедноста и одбраната на Република Македонија и стопанските, политичките и други интереси на државата. Агенцијата врши анализи и истражувања на податоците и информациите од став 1 на овој член и задолжително ги известува претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија и други државни органи за прашања од значење за нивниот делокруг. Акт за начинот на информирањето од став 2 на овој член донесува Владата на Република Македонија, со претходна согласност на претседателот на Република Македонија.

Согласно членот 33 од овој закон, вработените во Агенцијата правото на штрајк можат да го остваруваат под услови битно да не се нарушува редовното извршување на работите и задачите на Агенцијата. Заради спречување на евентуални штетни последици од неизвршување на работите и задачите за време на штрајкот, директорот или од него овластен работник е должен да обезбеди потребно функционирање на организационите единици во процесот на работата. Врз основа на преземените мерки од став 2 на овој член, вработените се должни да постапуваат по соодветните наредби. Доколку вработените не постапат согласно со став 3 на овој член директорот односно овластениот работник е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување на соодветни работници.

Од изнесеното произлегува дека правото на штрајк е уставно гарантирано право на вработените, организирано да запрат со работата со цел да постигнат остварување на одредени економски или политички права. Меѓутоа, за да се спречи битно нарушување на редовното извршување на работите и задачите, можно е со закон да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Оттука, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од законот, според која директорот на Агенцијата со подзаконски пропис ќе ги определи работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат во времето на штрајкот, со членот 38 од Уставот според кој единствено со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Тодор Џунов.

У.бр.76/2000
24 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков

Leave a Reply