147/1999-0-0

147/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 април 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изградба на колективен станбено деловен објект на бул. “Ленинова” бр.07-303/1 од 30.04.1999 година, донесена од Советот на Општина Струмица (“Службен гласник на Општина Струмица” бр.3/99).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.147/99 од 22 декември 1999 година, по повод поднесената иницијатива на група граѓани, жители на Струмица, поведе постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99), од причина што со истата се врши суштествена измена на дел од Деталниот урбанистички план, без притоа да се спроведе соодветна постапка предвидена со законот.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се предвидува изградба на колективен станбено деловен објект на дел од деталниот урбанистички план на градот Струмица блок бр.20, во делот на КП.бр.1314/1, 1315, 1316, 1317, 1318, 1319, 1320, 1321, 1322, 1323, 1324, 1325, 1326 и 1327.

Во членовите 2 и 3 се предвидува да се изготви проект за изградба на објектот во кој треба да се предвиди и соодветен простор за паркирање.

Согласно членот 4, времените објекти треба да се дислоцираат на локација на која според дел од деталниот урбанистички план е предвидено изградба на училиште.

Со членот 5 од одлуката се предвидува приоритет на корисниците на времените објекти под исти услови, при продажбата на деловниот простор во објектот што ќе се гради.

Со членот 6 е утврдено влегувањето во сила на одлуката со нејзиното објавување во “Службен гласник на Општина Струмица”.

5. Согласно член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање плановите се изработуваат како нацрт и предлог на план.

Според член 17 став 3 од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета, која согласно ставот 5 од истиот член ја организира општината.

Во член 18 од Законот е утврден начинот на спроведување на јавната анкета – со излагање на планот на јавно место, најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата.

За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

Извештај за јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината.

Согласно член 19 став 1 од Законот, на нацрт на деталниот урбанистички план, пред организирањето на јавната анкета, се врши стручна ревизија.

Со членот 20 став 1 од Законот е предвидено, измените и дополнувањата на плановите да се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување.

Во конкретниот случај, со одлуката суштествено се модифицира делот од деталниот урбанистички план на град Струмица блок бр.20 во делот на бул. “Ленинова” означен во членот 1 од одлуката.

Имено, со одлуката се предвидува изградба на нов објект на површина која зафаќа 14 катастарски парцели на која се наоѓаат објекти од времен карактер.Ваквата изградба значи измена на деталниот урбанистички план во споменатиот дел.

Со оглед на тоа што за ваквата измена не била спроведена постапката предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека основано се поставува прашањето за нејзината согласност со Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.147/99
19 април 2000 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply