31/2000-0-0

31/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 37 став7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ” бр. 44/90 ).

2. Петков Никола од Гевгелија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 37 став 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот став 7 на член 37 од овој закон не бил во согласност со член 8 алинеја 3, 6, 8 и 11, член 9 став 2, член 30, член 34 и член 54 од Уставот на РМ, бидејќи со утврдување на преклузивниот рок на примената на одредбите од ставовите од 1 до 5 на овој член само до 31.12.1990 година не се обезбедувал принципот на владеењето на правото, на правната заштита на сопственоста, на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, а исто така, оспорената одредба ги доведувала граѓаните во нееднаква положба со оглед дека им се ограничувало нивното право под исти услови да го остваруват правото на пензија и после тој рок, со што истовремено се вршело и ограничување на правото на сопственост од член 30 и правото на социјална сигурност и социјално осигурување од член 34 од Уставот на РМ, што сето тоа пак не било, во согласност ниту со член 54 од Уставот, затоа што овие права согласно овој член можеле да се ограничуваат само во случаи утврдени со Уставот, а не и со закон.

Инаку, од наводите во иницијативата произлегува дека непосреден мотив и причина за нејзино поднесување е што подносителот не можел правото на пензија да го оствари под условите утврдени во овој член од Законот и после десет години откако работниот однос му престанал со решение од 07.09.1990 година на Сојузната управа на царина, врз основа на член 46 и 47 од Законот за измени и дополнувања на Законот за основите на системот на државната управа и за Сојузниот извршен совет и сојузните органи на управата ( “Службен лист на СФРЈ” бр. 40/89).

3. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 на член 37 од наведениот закон, работник во сојузен орган на управа, сојузна организација, стручна и друга служба на СИС, и на сојузен орган на управа и сојузна организација, кому ќе му престане работниот однос со право на пензија пред исполнување на општите услови за стекнување на право на старосна пензија во смисла на прописите за основите на системот на државната управа и за СИС и сојузните органи на управата стекнува право на старосна пензија ако има најмалку 25 години пензиски стаж.

Во ставовите 2, 3 и 4 на овој член се утврдува и на кои други лица работници од други сојузни органи се применуваат одредбите од став 1 на овој член. Во ставот 5 се утврдува износот на пензијата во зависност од пензискиот стаж , а во ставот 6 се утврдуваат изворите на средствата од кои ќе се исплатува разликата помеѓу пензијата што би му припаѓала на работникот без примената на ставовите од 1 до 5 на овој член, како и целиот износ на пензија определена на осигуреник кој ги исполнува условите за остварување на правото на пензија без примена на тие одредби.

Во оспорениот став 7 е утврдено дека одредбите на ставовите од 1 до 5 на овој член ќе се применуваат до 31 декември 1990 година.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на РМ, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот. Од суштината на ова уставна одредба произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони кои што се дел од правниот поредок на РМ, што со други зборови значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние закони кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на РМ, а не и на закони кои што престанале да важат.

Меѓутоа, надлежноста на Уставниот суд да одлучува за оценување на уставноста и на законите кои престанале да важат, кога Судот ќе најде основи за оценување на нивната уставност во време на нивното важење, произлегува од членовите 47 алинеја 1 и 70 алинеја 6 од Деловникот на Судот, но под услов законот да престанал да важи во текот на постапката пред Уставниот суд за оценување на неговата уставност, а не и пред тоа.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување, кој како сојузен пропис, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, беше преземен како републички и како таков се применуваше на територијата на Република Македонија, престана да важи со денот на почетокот на примената на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр. 8/93, исправка – 3/94, 14/95 и 71/96), односно на 1 јануари 1994 година, што значи пред поднесување на иницијативата за оценување уставноста на оспорениот член, Судот утврди дека постојат процесно правни пречки за одлучување по оваа иницијатива во смисла на цитираните одредби од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.31/2000
29 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply