Решение У.бр.98/1999

У.бр.98/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА предлогот на Борка Вучетиќ од Охрид за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на извршната и судската власт.

2. Борка Вучетиќ од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на извршната и судската власт во врска со нејзиното барање за спроведување на исправка во катастарската евиденција на Кп.бр.145/1, КО Охрид. Како причини за поднесување на овој предлог подносителката го наведува следното:

На нејзиното барање, поднесено до Републичката геодеска управа за спроведување на исправка во катастерската евиденција на Кп.бр.145/1 КО Охрид, овој орган со допис од 17.10.1994 година и одговорил, односно ја упатил правото на измена на граничната линија на земјиштето што го владее задругата “Билјана-Словин”-Охрид, да го оствари во постапка пред надлежен суд, за да се утврдат стварните права врз спорното земјиште.

Во врска со ваквата поука од овој орган, таа поднела тужба против Република Македонија за измена на граничната линија, бидејќи спорниот простор во меѓувреме станал државна сопственост.

Основниот суд во Охрид со решение П.бр.1934/97 од 22.06.1998 година ја отфрлил тужбата како недозволена, а Апелациониот суд Битола со решение Гж.бр.2387/98 од 26.08.1998 година жалбата на тужителката ја одбил.

Со оглед дека се работело за судир на негативна надлежност помеѓу судски и управен орган, подносителката бара Уставниот суд да се произнесе кој е надлежен за овој вид на спорови.

3. Судот на седницата, врз основа на анализата на претходно прибавените управни акти и други списи во врска со предлогот на подносителката, ја утврди следната фактичка состојба:

Со договор за купопродажба ОВ.бр.1235/74 од 22.07.1974 година подносителката на овој предлог ја продала својата идеална третина од Кп.бр.12278 (по стариот премер Кп бр.145/1) во вкупна површина од 452 м2 (под куќа 52 м2, зграда 150м2 и двор 250м2), на тогашната ЗЗ “Рашанец-Прентов мост”-Охрид, сега РО “Словин-Билјана”-Охрид. Овој договор е спроведен во катастарскиот операт по список на промени бр.301/75, акт на Републичката геодетска управа – Одделение за премер и катастар – Охрид од 17.06.1975 год. и од вештото лице геометар, во присуство на договорните странки, е означена површина што била предмет на купопродажбата и е евидентирана во имотен лист 15829 за КО Охрид на име ЗЗ “Рашанец”, а сега РО “Словин Билјана” – Охрид, на која и денес се води.

Одделението за премер и катастар – Охрид, при Републичката геодетска управа, со заклучок УП.бр.08-5/299 -9 од 30.07.1991 год. ја прекинало постапката по барањето на Вучетиќ Борка да се изврши исправка во катастарскиот операт за дел од Кп 12278 КО Охрид во површина од 150м2, така што оваа површина, која била евидентирана на име на РО “Словин-Билјана”-Охрид, да се врати и запише во поседовниот лист на име на Вучетиќ Борка, со оглед дека од договорот за купопродажба и Скицата на премерување не произлегувало дека оваа површина требало да се пренесе на РО “Словин-Билјана” – Охрид.

Незадоволна од Заклучокот, странката поднела жалба до Комисијата за решавање на управни работи во втор степен од областа на премерот, катастарот и запишување на правата на недвижности при Владата на Република Македонија. Разгледувајќи ја жалбата и списите во предметот, Комисијата утврдила дека првостепениот орган правилно постапил кога го одбил барањето на жалителката за исправка во катастарскиот операт и со решение 27 бр.76/2 од 20.12.1991 година ја одбил жалбата како неоснована.

Незадоволни и од второстепеното решение, Вучетиќ Борка и Жарко, против истото поднеле тужба за поведување управен спор до Врховниот суд на Република Македонија. Со пресуда У.бр.158/92 од 9.05.1992 година на Врховниот суд на Република Македонија тужбата, исто така, е одбиена како неоснована. Од образложението на пресудата, меѓудругото, произлегува дека како причина за одбивање на тужбата е тоа што за спорната површина од 150м2 тужителите не приложиле писмен акт во смисла на член 49 став 3 од Законот за премер и катастер на земјиштето, според кој како корисник на таа површина треба да биде евидентирана тужителката Борка, па според наоѓањето на Врховниот суд органите во управната постапка правилно заклучиле дека претходно треба да се утврди правото на сопственост на таа површина, а потоа да се бара промена во катастарскиот операт.

И покрај тоа што нејзиното претходно барање за исправка во катастарскиот операт било одбиено и тоа со правосилен управен акт, подносителката на овој предлог, во меѓувреме, се обратила директно до Републичката геодетска управа со исто барање (да се спроведе исправка во катастарската евиденција). Со оглед на фактот дека во врска со спроведувањето на договорот за купопродажба во катастарската евиденција веќе била водена управна постапка и во поглед на големината (површината) на земјиштето била користена катастарската парцела 12278 утврдена како фактичка состојба со новиот премер (1975 година) и во таа постапка странката ги искористила сите можности за решавање на граничната линија на земјиштето што го владее Задругата “Словин-Билјана”, овој орган со допис (писмо) под бр.02-1032/4 од 17.10.1994 година ја упатил “во постапка пред надлежниот суд да се утврдат стварните права врз спорното земјиште”.

Меѓутоа, според наоѓање на Судот, подносителката на овој предлог место да поднесе тужба за признавање право на сопственост или по друг основ да го спори правото на владеење на Задругата “Словин-Билјана” на спорното земјиште, согласно упатството од Републичката геодетска управа, таа во тужбата поднесена до Основниот суд во Охрид барала да се задолжи Републичката геодетска управа да изврши измена на граничната линија на Кп.бр.12278 во КО – Охрид, а по договорот за купопродажба, што е видно од Решението П.бр.1934/97 од 22.06.1998 на тој суд, со кое тужбеното барање е отфрлено, поради судска ненадлежност.

Против наведеното првостепено судско решение тужителката поднела жалба до Апелациониот суд во Битола, но жалбата е одбиена, а решението на Основниот суд во Охрид потврдено, со решение ГЖ.бр.2387/98 од 22.06.1998 година.

Од образложението на двете судски решенија произлегува дека тужбеното барање е отфрлено поради судска ненадлежност, од причини што меѓу странките немало никаков спор бидејќи тужителката во тужбеното барање не истакнала никакво имотно-правно побарување према тужениот, а спорот меѓу граничната линија можел да се води во управна постапка, во која со стекнување на соодветна одлука, решение од Геодетската управа тужителката во таа постапка да бара остварување на некое свое право.

По завршување на судската постапка, на 9.06.1999 година Вучетиќ Борка, со писмен поднесок поднесен до Одделението за премер и катастар Охрид при Републичката геодетска управа, повторно побарала да се изврши исправка во катастарскиот операт и елаборат за КО Охрид така што од Кп.12278 се избришат 150 м2 и истите се припојат кон Кп.12279/3, на нејзиното име, како и да се изврши промена во списокот на промени бр.245/62 за КО Охрид, а согласно Спогодбата П.бр.251/62 од 8.10.1962 година склучена пред Општинскиот суд Охрид.

Со решение Уп.бр.1005-7/455-99 од 12.07.1999 година Одделението за премер и катстар Охрид и ова барање го одбило, односно не е допуштена бараната исправка, промена и упис на истите во катстарскиот елаборат и операт за КО Охрид “поради тоа што веќе еднаш се вршени промени во евиденцијата по список на промени бр.245/62, а потоа се настанати нови имотно правни односи со кои е регулирана правната судбина на предметната недвижност”.

Против наведеното решение странката поднела жалба до второстепениот орган – Комисијата за решавање во втор степен при Владата на Република Македонија, меѓутоа, со решение бр.27-615/2 од 12.11.1999 година жалбата е одбиена како неоснована. Во образложението на ова решение второстепениот орган, меѓу другото, оценил дека првостепениот орган во нападнатото решение основано ја упатил жалителката во колку смета дека во однос на постојно евидентираниот корисник е со појако право врз предметното спорно земјиште, тоа може да го оствари согласно позитивните прописи пред надлежен суд, а не во управна постапка, па со правосилна одлука на судот да бара измена во смисла на член 49 став 3 од Законот за премер и катастар на земјиштето, од причини што прашањето за правото на сопственост на предметното земјиште помеѓу нив е правно прашање, чие решавање е во судска надлежност, а не во надлежност на органите на управата.

4. Според член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), предлог за решавање судир на надлежности меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 од Деловникот, органите од член 62 од Деловникот, предлогот за решавање на судирот на надлежностите може да го поднесат откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифати или одбие надлежноста за решавање ист предмет, а додека субјектите од членот 62 предлогот можат да го поднесат откако и двата органа ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.

Од изнесените одредби произлегува дека лицата, односно субјектите кои поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста не можат да остварат некое свое право може да поднесат предлог за решавање судир на надлежности меѓу носителите на извршната и судската власт откако и двата органа ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт. Според тоа основ за постапување на Судот во конкретниот случај освен предлогот од странката, би претставувало и постоење на конечен или правосилен акт на органот на управата и на судот со кои и двата органа ја прифатиле или одбиле надлежноста за решавање на барањето на странката за спроведување на исправка, односно измена во катастарската евиденција.

Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба од која произлегува дека во конкретниот случај постои само правосилен акт на судот со кој тој го отфрлил барањето да одлучува по правната работа на странката, поради ненадлежност, а додека не постои конечен ниту правосилен акт на органот на управата со кој е отфрлено барањето на странката поради истата причина, според мислењето на Судот, во овој случај не е настанат, односно не постои спор за негативна надлежност меѓу органот на управата и судот, како што наведува подносителката на предлогот.

Имено, од напред наведените управни акти на Републичката геодетска управа – Одделение за премер и катастар – Охрид (заклучокот У.бр.08-5/299-9 од 30.07.1991 година и решението УП.бр.1005-7/455 од 12.07.1999), произлегува дека барањето на странката не е отфрлено поради ненадлежност, но истото е одбиено од причини наведени во образложението на заклучокот, односно решението, кои што се прифатени од страна на второстепениот орган на управата кој одлучувал по жалбите на странката и од Врховниот суд на Република Македонија. Тоа упатува на заклучок дека овој орган на управа во конкретниот случај не ја одбил, но напротив ја прифатил надлежноста за одлучување по правната работа на странката, а за основаноста на причините поради кои е одбиено нејзиното барање Уставниот суд не е надлежен да одлучува, со оглед дека за тоа се надлежни други органи, кои што во конкретниот случај се имаат и произнесено за тоа.

5. Врз основа на изнесеното Судот утврди дека во овој случај не постојат процесни претпоставки за одлучување по предлогот за решавање на судир на надлежности во смисла на членот 63 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.98/1999
15 март 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply