232/1999-0-0

232/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јануари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општината Штип за 1999 година, бр.08-468/1 донесена од Советот на Општината Штип на 5 јули 1999 година.

2. Томо Миташев градоначалник на Општината Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи со оспорената Одлука се одредувале потписници – наредбодавачи на трошењето на дел од средствата од Буџетот на Општината Штип за 1999 година покрај градоначалникот на Општината и претседавачот или секретарот на Советот на Општината Штип што било спротивно на Законот за локалната самоуправа. Имено, во членот 43 став 1 точка 1 од Законот било утврдено дека градоначалникот ја претставува и застапува единицата на локалната самоуправа, додека во точката 8 од истиот член било утврдено дека градоначалникот управува со имотот во согласност со Статутот на единицата на локалната самоуправа. Во членот 97 од Статутот на Општината Штип било утврдено дека извршувањето на Буџетот на Општината Штип го врши градоначалникот, а начинот на извршување се уредува со одлука. Наведените одредби на јасен начин ја разграничувале надлежноста на Советот на единицата на локалната самоуправа кој како претставнички орган донесува одлуки и надлежноста на градоначалникот како извршен орган. Оттука со оспорената Одлука се создавала можност Советот да донесува одлуки и да ги извршува.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Одлуката, во член 2 после ставот 1 се додаваат три нови ставови кои гласат:

Наредбодавачи на трошењето на средствата од буџетот се: градоначалникот на Општината Штип и претседавачот или секретарот на Советот на Општината Штип.

Градоначалникот на Општината Штип е наредбодавач на трошењето на средствата од буџетот за сите конта до нивниот полн износ утврден во истиот, освен за контата и износите утврдени со оваа одлука, за кои како наредбодавач е определен претседавачот или секретарот на Советот на Општината Штип.

Претседавачот или секретарот на Советот на Општината Штип се наредбодавачи на трошењето на средствата од буџетот за следните конта и во рамките на следните износи: (следува табела).

Според членот 2 во членот 5 се додава нов став кој гласи: “За користење на средствата од став 1 на овој член одлучува Советот, на предлог на градоначалникот на Општината Штип”.

Со членот 3 во членот 6 ставот 3 се менува и гласи: “По исклучок од став 2 на овој член, за средствата од став 1 на овој член може да одлучува и градоначалникот на Општината Штип со поединечен акт до износ од 10.000,00 денари, но најмногу до 50% од вкупниот износ на тековната резерва.

Со членот 4, членот 15 се брише.

Според членот 5 оваа Одлука стапува во сила и ќе се применува осмиот ден од денот на објавувањето на истата во “Службен гласник на Општината Штип”.

4. Со оспорената Одлука се врши изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општината Штип за 1999 година.

Според членот 17 од Одлуката, оваа Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Општината Штип”, а ќе се применува од 1 јануари до 31 декември 1999 година.

Од изнесеното произлегува дека основната Одлука на Советот на Општината Штип, и Одлуката за изменување и дополнување како нејзин составен дел се временски ограничени акти. Со истекот на времето определено за нивната примена практично престанува нивното правно дејство и тие не се повеќе дел од правниот поредок на државата.

Според член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената Одлука согласно членот 17 престанала да важи на 31 декември 1999 година, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот поради што иницијативата треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.232/99
19 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply