6/1999-0-0

6/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 став 1 и на член 12 став 2 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/97).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба на став 1 од член 11 од Законот не била во согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија затоа што го исклучувала правото на жалба, а оспорената одредба од ставот 2 на член 12, исто така, не била во согласност со член 15 од Уставот затоа што го исклучувала правото на жалба против решението на стечајниот совет донесено по приговор против заклучок на судот и затоа што по приговорот одлучувал стечајниот совет, а не повисокиот суд.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на член 11 став 1 од Законот жалба против решение на стечајниот суд е дозволена само кога со овој закон е определено дека се дозволува изјавување на посебна жалба.

Според член 12 од Законот против заклучок може да се поднесе приговор во рок од три дена од денот на објавувањето, а ако заклучокот не е објавен – од денот на неговото доставување, а според оспорената одредба на овој член за приговорот против заклучокот одлучува стечајниот совет со решение против кое не е дозволена жалба.

Приговорот од став 1 на овој член, не го задржува извршувањето на заклучокот (3).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, а во членот 50 став 1, исто од Уставот, е предвидено дека секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во членот 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 2 на овој член, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Од наведените уставни одредби произлегува дека посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставува правото на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите. Правото на жалба ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и справедлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок суд со што се прокламира и двостепеност во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси.

Според член 1 од Законот за стечајната постапка, со овој закон, меѓу другото се уредува и начинот на водење на стечајната постапка, а во членот 6 од Законот е предвидено дека во стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите на Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.

Во членот 7 од Законот се утврдени начелата на стечајната постапка, меѓу другото, дека стечајната постапка се поведува само по предлог на овластеното лице (став 1), дека стечајната постапка е итна (став 2), дека судот по службена должност ги утврдува сите факти што се од значење за стечајната постапка и поради тоа може да ги изведува сите потребни докази (став 3), дека судот одлуките може да ги донесува и без усна расправа (став 4) и други начела специфични за стечајната постапка.

Според член 10 од Законот одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок (став 1). Со Заклучок се издава налог на службено лице или на орган на стечајната постапка за вршење на одделни дејствија, ако со овој закон поинаку не е определено (став 2).

Од аспект на уставноста на оспорената одредба значајно е дека Законот за стечај упатува на примена на одредбите на Законот за парничната постапка и на други закони (на пример извршната) во стечајната постапка. Тоа, според мислењето на Судот би значело дека со Законот за стечај воспоставен е институтот на посебна жалба, а во се друго се применува Законот за парничната постапка. Со други зборови на решенијата донесени во стечајната постапка е дозволена само посебна жалба ако тоа го предвидува Законот, а во другите случаи ако тоа го допушта Законот за парничната постапка. Според тоа со решенијата во стечајната постапка против кои е допуштена посебна жалба исклучиво се одлучува за правата на граѓаните кои тие ги остваруваат само во стечајната постапка и кои се одраз на посебноста и на целите на оваа постапка.

Со оглед на тоа што посебната жалба не го исклучува правото на жалба по други основи Судот оцени дека оспорената одредба на ставот 1 на член 11 од Законот не е во несогласност со член 15 од Уставот.

Од аспект на уставноста на второспорената одредба од Законот за стечај се поставува прашање дали е во согласност со Уставот за приговорот против заклучокот да одлучува стечајниот совет со решение против кое не е дозволена жалба и по приговорот да одлучува истиот суд.

Тргнувајќи од законското решение дека одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок и дека со заклучок се издава налог на службеното лице или на орган на стечајната постапка за вршење на одделни дејствија, ако со овој закон не е поинаку определено, несомнено дека со заклучок во стечајната постапка се налага преземање на дејствија од службените лица или од органот на стечајната постапка, односно со заклучокот во стечајната постапка не се одлучува за главната работа и законската определба од член 10 ставот 2 од Законот, “ако со овој закон не е поинаку определено” наведува на заклучок дека Законот предвидува и други ситуации.

Тргнувајќи од членот 15 на Уставот Уставот на Република Македонија иако го гарантира само правото на жалба, тој не забранува со закон да се утврдат и други правни лекови и да се определи нивното правно дејство, како и надлежноста на органите за постапување по нив. Од друга страна, за приговорот против заклучокот одлучува стечајниот совет, што, согласно член 17 став 5 од Законот е овластување на стечајниот совет да одлучува по приговорите на доверителот, одборот на доверители и собрание на доверители против заклучоците на стечајниот судија. Според тоа, поаѓајќи од посебностите на стечајната постапка законодавецот покрај жалбата како уставна категорија во уредувањето на евидентно сложените односи во стечајната постапка го предвидел и приговорот во стечајната постапка како и обезбедил двостепеност во одлучувањето по приговорот на заклучокот на стечајниот судија, по него да одлучува стечајниот совет. Оттука според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за уставноста и на оваа оспорена одредба.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 6/99
22 декември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply