166/1999-0-0

166/1999-0-0

Вовед

Врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 8 во делот “или 30 години живот” и член 12 во делот “односно 30 години живот” од Правилникот за времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од постојниот состав на АРМ (“Службен весник на РМ” бр.34/92, 16/96, 6/98 и 38/98).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 8 и член 12 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените делови од наведените одредби не се во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија, член 57 и 61 од Законот за одбраната и член 161 и 164 од Законот за органите на управата, затоа што според член 57 регрутот кој е оценет привремено неспособен подлежи на повторно регрутирање до наполнување на 27 години живот, а не до 30 години како што е предвидено во правилникот.

Регрутот кој, пак, од било кои причини не е упатен на отслужување на воениот рок се упатува до крајот на календарската година во која наполнува 27 години живот, а исклучокот од член 61 став 2 од Законот за одбраната не може да се применува на предвидените случаеви во член 8 и 12 од правилникот.

Со ваквиот начин на уредување на овие односи се создава нееднаквост меѓу регрутите граѓани на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во член 5 од правилникот е утврдено во кои случаи служењето на воениот рок по барање на регрутот се одлага, а во член 6, пак, е утврдено до кога може да биде одложено служењето на воениот рок во случаите предвидени од член 5.

Во член 7 е предвидено во кои случаи служењето на воениот рок по барање на регрутот може да се одложи најмногу до една година.

Во оспорениот член 8 е предвидено дека подносителите на барањето за одлагање на служење на воениот рок односно за доотслужување на воениот рок не се упатуваат на служење на воениот рок додека не се донесе решение за тоа барање, освен ако подносителите на барањето во таа календарска година наполнуваат 26 односно 27 или 30 години живот.

Во член 9 од Правилникот се предвидени случаите кога служењето на воениот рок се прекинува, а во член 10, пак, е предвидено времето на прекинот на служењето на воениот рок.

Во оспорениот член 12 е предвидено дека војникот на кој му е прекинато служењето на воениот рок од причини наведени во член 9 и 10 од овој правилник станува регрут и ќе се упати на доотслужување на преостанатиот дел од воениот рок по престанување на причините поради кои му било прекинато служењето на воениот рок, а најдоцна до крајот на календарската година во која наполнува 27 односно 30 години живот.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 57 од Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр.8/92 и 30/95) е предвидено дека регрутот кој е оценет привремено неспособен за воена служба подлежи на повторно регрутирање до наполнување на 27 години живот.

Во член 61 од Законот за одбрана е предвидено дека регрутот кој од било кои причини не е упатен на служење на воениот рок се упатува на служење до крајот на календарската година во која наполнува 27 години живот.

Во став 2 на овој член е предвидено дека по исклучок од став 1 на овој член, регрутот за кој ќе се утврди дека не ги извршувал обврските за служење на воениот рок пропишани со овој закон, па поради тоа не бил упатен на служење на воениот рок до крајот на календарската година во која наполнува 27 години живот, може да се упати на служење на воениот рок најдоцна до крајот на календарската година во која наполнува 30 години живот.

Од наведените одредби јасно произлегува дека член 57 го регулира прашањето до кога регрутот кој е оценет како привремено неспособен за воена служба подлежи на повторно регрутирање и не се однесува за регрутите кои се оценети како способни за служење на воениот рок.

Имено, со членот 61 е регулирано прашањето за регрутите кои се оценети како способни за служење на воениот рок и до кога овие лица можат да бидат повикани да ја извршат својата воена обврска.

5. Во член 160 од Законот за органите на управата (“Службен весник на РМ” бр.40/90, 63/94) е предвидено дека функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти на Собранието и сојузните закони, другите сојузни прописи и општи акти за чие извршување се одговорни органите на Републиката, како и на прописите на Владата, кога за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти.

Во член 161 е предвидено дека со правилник се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти заради нивно извршување.

Во член 164 е предвидено дека со прописите на функционерот кој раководи со органот на управата не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и за другите организации и заедници да се установуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.

Имајќи ги предвид наведените одредби од Законот произлегува дека функционерот кој раководи со органот на управата е овластен да донесува прописи со кои поблиску се разработуваат законските одредби заради нивно извршување.

6. Во конкретниов случај со оспорените одредби од правилникот уредено е прашањето кога регрутот бара одлагање за служење на воениот рок односно прекинување на служењето на воениот рок при што барањето за одлагање односно за прекин на служењето на воениот рок нема суспензивно дејство кога подносителот на барањето навршува 27 односно 30 години живот во таа календарска година.

Според тоа Судот смета дека уредувањето на прашањето со правилникот е во рамките на Законот имајќи предвид дека субјектите регрути можат да бидат упатени на служење на воениот рок до определена возраст и по истекот на тој рок тие не можат да бидат упатени на отслужување на воената обврска.

7. Исто така Судот смета дека во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на начелот на еднаквост имајќи предвид дека со оспорените одредби од правилникот се опфатени сите регрути кои во календарската година наполнуваат 27 односно 30 години живот како што тоа е предвидено со Законот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.166/99
10 ноември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply