152/1999-0-0

152/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на

а) Одлуката за разрешување вршител на должност директор на ЈП за комунална дејност “Комуналец” Гевгелија, донесена од Советот на општина Гевгелија на 19.07.1999 година;
б) Одлуката за именување на директор на ЈП за комунална дејност “Комуналец” Гевгелија, донесена од Советот на општина Гевгелија на 20.07.1999 година;
в) Одлуката за разрешување членови на Управниот одбор на ЈП за комунална дејност “Комуналец” Гевгелија, донесена од Советот на општина Гевгелија на 19.07.1999 година;
г) Одлуката за именување членови на Управниот одбор на ЈП за комунална дејност “Комуналец” Гевгелија, донесена од Советот на општина Гевгелија на 19.07.1999 година;
д) Одлуката за разрешување членови на Управниот одбор на Фондот за локални патишта на општина Гевгелија, донесена од Советот на општина Гевгелија, на 19.07.1999 година;
ѓ) Одлуката за именување членови на Управниот одбор на Фондот за локални патишта на општина Гевгелија, донесена од Советот на општина Гевгелија на 19.07.1999 година.

2. Михајло Баламовски од Гевгелија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив биле повредени одредби на член 29 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа во поглед на претходната постапка за нивно донесување, односно постапката за предлагање на кандидати за носители на функции на раководни органи во наведените претпријатија и служби.

Воедно со иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспоредниот акт.

3. Судот на седницата утврди дека со одлуките наведени во точката 1 под а) и б) се врши разрешување на вршител на должноста директор односно именување на директор на ЈП за комунални дејности “Комуналец” Гевгелија.

Со одлуките од точката 1 под в) и г) се врши разрешување на членови на Управниот одбор односно именување на членови на Управниот одбор на ЈП за комунални дејности “Комуналец” Гевгелија.

Со одлуките од точката 1 под д) и ѓ) се разрешуваат односно се именуваат членови на Управниот одбор на Фондот за локални патишта на општина Гевгелија.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба, како и содржината на оспорените одлуки, Судот смета дека тие немаат карактер на прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и не се подобни за уставно судска оценка.

Во однос на барањето за изрекување на времена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, со оглед на тоа што оспорените одлуки не се подобни за уставно судска оцена.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.152/99
28 октомври 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply