106/1999-0-0

106/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 112
од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на
Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на
седницата одржана на 14 јули 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 46 став 2 во делот “и неа ја поднесува на потврда
штом тоа ќе биде во можност да се состане” од Законот за Владата на Република
Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90 и “Службен весник на Република
Македонија” бр.63/94 и 63/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен
Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на член 46 став 2 во
делот: “и неа ја поднесува на потврда штом тоа ќе биде во можност да се
состане” од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што оспорениот
дел од одредбата на Законот не бил во согласност со член 126 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 46 став 2 од Законот, со
уредба со законска сила Владата утврдува прашања од надлежност на Собранието во
случај на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на
Собранието и неа ја поднесува на потврда штом тоа ќе биде во можност да се
состане.

5. Според член 126 став 1 од Уставот при постоење на воена или
вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и закон донесува уредби со
законска сила, а според ставот 2 од овој член на Уставот, овластувањето на
Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или
вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба, јасно
произлегува дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила е
од времен карактер, односно дека истото започнува со прогласувањето на воената
или вонредната состојба и дека тоа трае до завршувањето на таквата состојба, за
што одлучува Собранието. Според тоа, Уставот не предвидува обврска за Владата,
по престанувањето на воената или вонредната состојба, уредбите со законска сила
што таа ги донела во време на траењето на таквата состојба, да ги поднесува на
Собранието за нивно потврдување штом тоа ќе биде во можност да се состане.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, одредбата на член
46 став 2 од Законот во оспорениот дел излегува надвор од овластувањата на
Владата, поради што Судот оцени дека таа не е во согласност со член 126 од
Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова
решение.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р
Тодор Џунов.(У.бр.106/99)

Leave a Reply