Решение У.бр.111/1999

У.бр.111/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Дафинка Тасевска од Штип за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Дафинка Тасевска од Штип, студент на Правниот факултет во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност, утврдени во член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија. Според наводите во барањето врз основа на распишаниот Конкурс за запишување студенти во прва година на факултетите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”-Скопје во учебната 1996/97 година биле предвидени три критериуми за упис на факултетите, и тоа упис без партиципација (државни квоти), упис со утврдување на дополнителни квоти утврдени од Владата (за националностите) и упис со поднесување на трошоците за студирање. Со вака утврдените критериуми се вршело дискриминација на студентите по социјална основа. Поради лимитираните државни квоти морала да се запише на Правниот факултет со плаќање на партиципација. Сега била студент на втора година но поради тоа што немала материјални можности да го плати понатамошното студирање била присилена да го откаже студирањето.

Со Конкурсот се вршела поделба на студентите по основ на социјална припадност со тоа што тие што имале можности можеле да студираат, а тие кои немале такви можности ќе се откажеле од образование на високообразовните инстутиции.

Во договорот за меѓусебните права и обврски за запишување на студентите со поднесување на трошоците за студирање и начинот за студирање стоеле задолжителни обврски за плаќање на трошоците за студирање и се барала писмена согласност за поднесување на трошоците во текот на целокупното студирање што значело дека врз основа на Конкурсот, решението на Министерот за образование и склучениот договор фактички се вршела дискриминација на студентите во процесот на образованието.

Со поединечните акти бил повреден член 9 од Уставот. Исто така поединечните акти биле во спротивност и со член 44 од Уставот според кој образованието било достапно на секого и под еднакви услови.

Понатаму, во барањето се наведува дека партиципацијата немала правна основа и во постојниот закон за насочено образование, поради што партиципацијата ја доживувала како јавна давачка, особено ако се имал предвид едностраниот договор, кој во себе содржел права и обврски сао за студентите, а не и за факултетите.

Врз основа на изнесеното, а со оглед на тоа што и покрај поништениот Правилник за условите за преминување на студентите од категорија студенти со поднесување на трошоците во категорија на студенти чие студирање го финансира државата, Универзитетот и факултетот и понатаму продолжувале со дискриминација настудентите при уписот и студирањето, бара од Уставниот суд да ги укине актите кои претставувале извор на дискриминација по основ на социјална припадност и да и се овозможи натамошно студирање.

3. На седницата Судот утврди дека со Договорот, договорните страни се договориле високо образовната установа да преземе обврски давателот на средствата за студирање (поднесувачот на трошоците за студирање), да го запише како редовен студент под условите утврдени во Конкурсот за запишување студенти во прва година во учебната 1997/98 година, доколку ги исполни условите од Конкурсот и достави писмена согласност за поднесување на трошоците во текот на целокупното студирање. Понатаму, со Договорот се утврдени правата и обврските на високообразовната установа и на студентот кои произлегуваат од статутот, висината на трошоците и начинот на плаќањето, ослободувањето од плаќањето, обврските на високообразовната установа да му обезбеди услови за редовно студирање заради остварување на наставно образовниот процес во согласност со режимот на студии утврден со статутот на високообразовната установа, можноста за раскинување на договорот и е определена судска надлежност за евентуален спор по договорот.

4. Согласно член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, меѓу другото, и на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Според член 44 од Уставот, секој има право на образование кое е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Согласно член 46 од Уставот, на Универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Според член 86 став 1 од Законот за насоченото образование (Службен весник на Република Македонија бр.16/85, 2/86, 29/86, 7/88, 18/89, 29/89, 10/90, 12/90, 20/90, 11/91, 40/91 и 44/95), план за запишување на студенти изработува секоја организација за насочено образование врз основа на утврдени образовни потреби на организациите на здружениот труд, пошироките потреби на општеството и личните интереси на студентите.

Согласно член 88 став 4 од Законот, конкурост за запишување на студентите го објавува организацијата за високо образование, доколку тоа право не е пренесено на универзитетот.

Членот 196 од Законот утврдува дека граѓаните можат своите лични потреби и интереси во областа на образованието да ги задоволуваат во непосредни односи со организациите за насочено образование под услови што ги утврдува заедницата за насочено образование.

Согласно член 218 став 1 алинеја 4 од Законот, во универзитетот се остварува изедначување на условите, мерилата и критериумите за запишување на студентите.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот има нов приод во однос на образованието, а особено на високото образование и дека постојниот Закон за насочено образование (во делот што се однесува на високото образование) сеуште не е усогласен со Уставот. Меѓутоа, тргнувајќи од начелните уставни определби по однос на правото за стекнување со образование, како и од автономниот статус на универзитетот, има основ, граѓаните, своите лични потреби и интереси од областа на образованието да ги задоволуваат во непосредни односи со високообразовните организации и под еднакви услови да можат да се запишуваат како студенти во високообразовните организации за кои имаат интерес под условите и критериумите утврдени со конкурсот за запишување на студенти и кои важат за сите граѓани подеднакво.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Судот смета дека Договорот нема крактер на конечен односно правосилен поединечен акт односно преземено дејство за што согласно член 113 од Уставот и член 51 од Деловникот на Судот, е надлежен да одлучува Уставниот суд, туку е во прашање двостран договор, акт кој не е ниту поединечен, конечен, односно правосилен, ниту може да се смета за преземено дејствие во смисла на означената одредба од Деловникот, поради што барањето излегува од рамките на уставните овластувања на Уставниот суд на Република Македонија. Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат и на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност но во тој случај се работи за дел од граѓанските и политичките слообди и права за кои е обезбедена уставно-судска заштита. Обврската за поднесување на трошоците за студирање и начинот на студирањето на високообразовната установа во никој случај не може да се смета за дискриминација по основ на социјална припадност, туку израз на вољата на договорните страни давателот на средствата за студирање да се запише како редовен студент под условите утврдени во Конкурсот за запишување на студенти во прва година во учебната 1997/98 година.

5. Во поглед на барањето Судот да ги укине Конкурсот за запишување на студенти во прва година на факултетите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за учебната 1997/98 година и Решението на Министерството за образование од 14 јуни 1996 година, Судот утврди дека не се во прашање поединечни акти со кои на граѓанинот се повредуваат слободи и права, односно правата кои произлегуваат од нив не спаѓаат во доменот на заштита на правата и слободите за кои Судот одлучува, согласно член 110 став 3 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.111/1999
14 јули 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply