87/1999-0-0

87/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 јули 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за правосудниот испит (“Службен весник на СРМ” бр.26/80 и 7/88).

2. Драги Стојановски од Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што на дипломираните студенти на Факултетот за безбедност и ОСЗ при Универзитетот “Кирил и Методиј” од Скопје не им се овозможува да полагаат правосуден испит со што се повредуваат начелата утврдени во член 9 став 2 член 44 став 2 и член 52 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за правосудниот испит е предвидено дека по зборот “правници” се додаваат зборовите “на правен факултет” (во натамошниот текст дипломирани правници).

Со извршените измени на член 1 од Законот за правосудниот испит оспорената одредба гласи: “правосудниот испит се полага заради проверка на стручната способност на дипломираните правници на правен факултет за самостојно вршење на определени должности, работи и задачи”

4. Во член 9 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 од овој член дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 44 од Уставот е предвидено дека секој има право на образование и дека образованието е достапно секому под еднакви услови односно дека основното образование е задолжително и бесплатно.

Во членот 52 став 4 од Уставот е предвидено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

5. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и целината на Законот за полагање на правосудниот испит Судот смета дека правосудниот испит е стручен испит и има за цел проверка на стручните способности на дипломираните правници на Правниот факултет за вршење на определени работи и задачи кои се точно утврдени со законот.

Имено, проверката на стручните способности преку полагање на правосудниот испит се врши од предметите кои се застапени во текот на школувањето на студентите на Правниот факултет. Студентите односно дипломираните правници на Факултетот за безбедност и ОСЗ студираат односно полагаат по други планови и програми.

Во плановите и програмите за студентите на Правниот факултет и на Факултетот за безбедност и ОСЗ видно е дека само одреден број на предмети се истоветни на двата факултети, при што предметите што се застапени на двата факултети, на Факултетот за безбедност се застапени со помал број на часови.

Според тоа, право е на законодавецот да определи каква претходна стручна подготовка е потребна односно да определи кои дипломирани студенти од кои факултети можат да го полагаат правосудниот испит како стручен испит кој е услов за обавување на определени работи и работни задачи.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека со утврдувањето дека право да полагаат правосуден испит имаат дипломираните правници на Правниот факултет, а не и дипломираните правници на Факултетот за безбедност и ОСЗ не се повредуваат наведените начела на еднаквост и достапност на образованието на секого под еднакви услови.

Исто така Судот смета дека во конкретниов случај не може да стане збор за повратно дејство на законот затоа што таква одредба ниту е предвидена ниту, пак, од целината на законот произлегува дека тој има повратно дејство.

6. Со оглед на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.87/99
7 јули 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply