Решение У.бр.128/1999

У.бр.128/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Жаклина и Александар Трајковски од Куманово за заштита на уставните и законските права на нивното семејство.

2. Жаклина и Александар Трајковски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање Уставниот суд да ги заштити уставните и законските права на нивното семејство кои му биле повредени со одземање на новороденото дете Александра Трајковска. Во барањето се изнесуваат повеќе настани и се укажува на факти врз основа на кои подносителите сметаат дека им е одземено нивното новороденче и заменето со друго за кое постоеле сигурни медицински индикации дека не се работи за нивното дете.

При тоа, подносителите на барањето ја изнесуваат хронологијата на настаните, од следењето на бременоста на сопругата, раѓањето на близнаците на Гинеколошко-акушерската клиника при Медицинскиот факултет во Скопје, сместување на новороденчињата во беби-боксовите, контактите со педијатарот по два и пол часа од породувањето при што му биле покажувани ренген снимки од “наводно” женското новороденче без задолжителниот наод на ренгенологот, а која подносителите на барањето сметаат дека им е покажана снимка од друго бебе кое било видно дека било претходно хоспитализирано и третирано со терапија, што според нив била фалсификат однапред припремен.

Понатаму, подносителите на барањето ги изнесуваат своите сомневања за вродената мана на новорденото дете “пукната дијафрагма”, извршената операција на женското бебе, без да е барана и дадена од нив согласност и без да таа се евидентира во службените книги поради што на медицинските работници во наредната смена не им било познато дека некое бебе било изнесено и упатено за операција.

Според подносителите моментот на изнесувањето на новороденчето од беби боксовите по налог на педијатарот и одговорната медицинска сестра го сметаат како момент на киднапирање. Потоа опширно се задржуваат на карактеристиките на лешот што му бил покажан дека тоа е нивното дете кое починало на самата операција и укажуваат на факти дека не се работело за нивното новородено женско дете туку за сосема друго и со поодмакла старост новороденче. Во барањето се изнесува и “несовесното” однесување на надлежните органи и одделни одговорни лица (министри, директорот на Гинеколошко-акушерската клиника, Основното и Вишото јавно обвинителство, Републичкиот јавен обвинител, полициските и истражните органи) околу расветлување на случајот односно утврдување на одговорноста на лицата што го извршиле или потпомогнале “киднапирањето” на нивното новороденче. Со барањето е приложена медицинска документација (отпусна листа на родилката со двете новороденчиња, обдукционен наод од Институтот за патолошка анатомија при Медицински факултет – Скопје, фотографии и друго), известување од Основното јавно обвинителство по кривичната пријава дека нема основа за кривично гонење, известување на Министерството за здравство со кое родителите се насочуваат да остварат, односно да ги интензивираат своите активности со надлежните министерства за правда и внатрешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека во барањето не е означен конкретен поединечен акт, ниту дејствие со кои подносителите сметаат дека им е повредено право или слобода утврдени во член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија и за кои бараат заштита од Уставниот суд. Всушност во барањето се посочува “криминалното” однесување на учесниците во “киднапирањето” на новороденчето, прикривање на случајот од одговорните лица на Гинеколошко-акушерската клиника и Клиниката за детски болести и неефикасното делување на надлежните органи, односно полицијата и обвинителствата во откривање на сторителите и нивно кривично гонење.

Од приложената документација кон барањето Судот утврди дека постојат поединечни акти на надлежни органи односно дејствија (отпусна листа, извод од матичната книга на родените, медицински наоди, известие на Основното јавно обвинителство – Скопје и други дејствија).

4. Согласно член 110 став 3 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од наведената одредба на Уставот произлегува дека во рамките на утврдената надлежност на Уставниот суд прецизно се дефинирани слободите и правата на граѓаните кои ги штити Уставниот суд доколку се тие повредени со акт или дејство на органот што го донел поединечниот акт или го преземал дејството а кои се однесуваат на слободата на уверувањето, слободата на совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Тргнувајќи од означената уставна одредба и Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, во членот 51 предвидел дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 став 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Со оглед на тоа што прашањата што се покренуваат со барањето по својата суштина спаѓаат во доменот на кривичното гонење, односно не се поврзани со корпусот на правата и слободите на човекот и граѓанинот утврдени во членот 110 став 3 од Уставот, а кој ги штити Уставниот суд, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.128/1999
30 јуни 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Милан Недков

Leave a Reply