110/1999-0-0

110/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98).

2. Димитрија Атанасовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оваа одредба се правело разлика меѓу граѓаните по основ на нивната имотна и општествена положба и на тој начин на оние граѓани со послаба имотна состојба, кои не биле во можност да ја платат судската такса им се ускратувало или ограничувало правото да бараат заштита на своите права пред судовите. Ова не било во согласност со социјалниот карактер на Република Македонија утврден во член 1 став 1 од Уставот, со основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; со владеењето на правото и со хуманизмот, социјалната правда и солидарност, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, утврдени во член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, а исто така не било во согласност и со начелото на еднаквоста на граѓаните, утврдено во член 9 од Уставот, ниту со член 54 став 1 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Покрај тоа, оваа одредба се оспорува и поради тоа што истата не била во согласност и со член 7 став 1 и 3 од Законот за судовите, како и со член 2 од самиот Закон за парнична постапка.

Во иницијативата, освен што се предлага поведување на постапка за оценување на согласноста на оспорената одредба со наведените уставни одредби, се предлага и донесување решение за запирање од извршување на Заклучокот на Одделот за граѓански работи на Врховниот суд на Република Македонија донесен во врска со примената на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка, односно на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 141 став 2 од Законот за парничната постапка е утврдено дека “судот нема да постапува по тужба, ниту да презема други дејствија за кои не е платена судската такса”.

Судот, исто така, утврди дека со решение У.бр.221/98 и У.бр.10/99 од 24 февруари 1999 година не повел постапка за оценување уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка, затоа што не се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со членовите 9, 30, 50 став 1 и 54 од Уставот, од чиј аспект беше оспорена нејзината уставност.

При тоа, Судот меѓу другото утврди дека судските такси, како вид на јавни давачки се воведени со Законот за судските такси и согласно член 4 став 1 и 2 точките 1 и 7 од овој Закон таксената обврска за поднесоците, какви што се сметаат и тужбите, настанува кога тие се предаваат на судот, а додека за другите дејствија оваа обврска настапува кога ќе се побара нивно преземање, односно кога судот ќе почне да постапува.

Понатаму, Судот утврди дека со Законот за судските такси, како и со Законот за парничната постапка се утврдени и условите и начинот на ослободување од плаќање на судските такси доколку се утврди дека странката не е во состојба да ги плати овие такси, така што на овој начин законодавецот овозможил остварувањето односно заштитата на правата пред судот да се еднакво достапни за сите граѓани, независно од нивната материјална положба, односно се овозможува и на лицата со слаба имотна состојба да ја остваруваат судската заштита на своите права, која не би можеле да ја остваруваат доколку тие треба однапред да ги поднесуваат трошоците на постапката.

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби, како и со оглед на тоа што според оспорената одредба од Законот за парничната постапка имотната состојба на граѓаните нема карактер на нормативен услов за остварување правото на судска заштита на нивните права и правни интереси, Судот оцени дека со оспорената одредба не се прави дискриминација на граѓаните по основ на нивната имотна состојба, туку се утврдува правило односно начин на однесување на судот во случаи кога не е платена судската такса, која како посебен вид на јавна давачка е предвидена со Законот за судските такси, а не со Законот за парничната постапка и така утврдениот однос на судот е еднаков спрема сите граѓани кои не ја платиле пропишаната судска такса, а не се ослободени од нејзиното плаќање. Или со други зборови, целта на оспорената одредба не е создавање нееднаквост и дискриминација на граѓаните по основ на нивната имотна состојба, но тоа е израз на настојувањата да се пронајде поефикасен инструментариум, од оној предвиден со Законот за судските такси, за наплата на судските такси во случаи кога, согласно тој закон, оваа обврска настапува во моментот на поднесувањето на тужбата односно кога ќе се побара преземање на друго процесно дејствие, а истата не е наплатена навреме.

Друго е прашањето што примената на оспорената одредба, како впрочем и примената на одредбите од Законот за судските такси, со кои е утврдена нивната висина може да се одрази и да предизвика фактичка нееднаквост на граѓаните, но во тој случај основа за нееднаквост не е нормата на оспорената одредба, туку фактичката економска моќ на граѓаните.

4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Уставниот суд веќе се произнел во однос на прашањето за уставноста на оспорената одлука и при тоа оценил дека истата не е во несогласност со членовите 9 и 54 став 1 од Уставот поради што и не повел постапка, а по повод оваа иницијатива не најде основи за поинакво одлучување ниту во однос на нејзината согласност со член 1 став 1 и член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Што се однесува пак до наводите во иницијативата дека оспорената одредба не е во согласност и со член 7 став 1 и3 од Законот за судовите и членот 2 од Законот за парничната постапка, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на закон со закон, за меѓусебната усогласеност на одредбите од ист закон, што е уште една причина за отфрлање на иницијативата.

Имајќи предвид дека со иницијативата се предлага и изрекување на времена мерка Судот оцени дека за тоа не се исполнети условите утврдени со член 27 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.110/99
30 јуни 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply