79/1999-0-0

79/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Статутот на Радиоаматерскиот сјуз на Македонија.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
3. Радиоаматерскиот клуб “Железничар” Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Како причина за оспорување се наведув а тоа што во постапката на неговото донесување не биле прифатени предлозите што биле доставени од страна на подносителот на иницијативата, поради што според негово мислење одделни прашања во Статутот биле уредени спротивно на Уставот и законите со оглед дека некои од нив или не спаѓале во надлежност на Радиоаматерскиот сојуз, или се уредени непотполно и на недоволно прецизен и јасен начин, или пак некои решенија од Статутот давале преголеми овластувања на претседателот и другите органи на Сојузот. Како пример за ова конкретно се посочува членот 4 алинеите 6 и 8 со кои се утврдувале прашања кои според подносителот на иницијативата биле во надлежност на Министерството за сообраќај и врски, членот 5 став 2 во кој се предвидувало дека Радиоаматерскиот сојуз се конституира од најмалку 5 радиоаматерски клубови, односно од најмалку 25 членови индивидуални радиоаматери, иако овој сојуз според подносителот не може да биде и сојуз на индивидуални членови, со оглед дека тие можеле да членуваат само во друштва или клубови, а не и во сојуз; членот 13 став 2 во кој не било утврдено во кои случаи членот на Сојузот може да биде земен на одговорност и да му биде изречена мерката исклучување, членот 15 во кој се предвидувало носење на дисциплински акт, но не се предвидувал дисциплински орган, и кој ќе го избира овој орган и други членови (17, 20, 22 став 1 алинеја 7, 23 став 1, 25 и 27) кои според подносителот требало да гласат поинаку, а не како што се утврдени во Статутот.
Поради наведените и слични причини со иницијативата се бара Уставниот суд да ги разгледа предлозите и да заземе став за поништување на оспорениот статут, со предлог истиот да се усогласи со измените како што овој клуб ги предлага, односно со ставот на Судот согласно Уставот и законите, при тоа не наведувајќи со кои членови од Уставот и со кои закони овој Статут не е во согласност.
4. Судот на седницата утврди дека со Статутот на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија се уредуваат целите и задачите, начинот на нивното остварување, формата на здружување и внатрешната организација, условите и начинот на пристапување – зачленување, престнаок на членството, правата, обврските и одговорностите на членовите, органите, начинот на нивниот избор, права, обврски и одговорности, траењето на мандатот и начинот на одлучување на членовите, стекнувањето, користењето и располагањето со имотот и средствата, остварувањето на јавноста во работата, застапувањето и претс тавувањето на сојузот, начинот на здружување во други организации, престанокот со работа на Сојузот и друго.
При тоа, во членовите 2 и 3 од Статутот се утврдени целите и задачите на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија, а во членот 4 се утврдуваат формите и облиците преку кои се остваруваат утврдените цели и задачи, со тоа што во алинејата 6 од овој член се утврдува дека целите и задачите се остваруваат преку учество во работата на надлежни органи при подготовка и донесување на законски акти во делот со кои се регулираат техничките услови и начинот на користење на аматерските радиостаници и други прашања од областа на радиоаматерските врски, а според алинејата 8 која, исто така, се оспорува во иницијативата, утврдените цели и задачи се остваруваат и преку посредување во издавање на дозволи за работа на аматерски радиостаници и технички преглед за нив.
Понатаму, во оспорениот член 5 е утврдено дека Радиоаматерскиот сојуз на Македонија е непрофитна организација која со свое слободно и доброволно здружување ја сочинуваат радиоаматери и радиоаматерски клубови на територијата на Република Македонија и дека се конституира од најмалку 5 радоаматерски клубови, односно од најмалку 25 членови индивидуални радиоаматери.
Во членот 13 е утврдено членството во сојузот да престанува во следните случаи: – со доброволно истапување, – со исклучување, – во случаи предвидени и регулирани со закон.
Постапка и одлука за исклучување, во прв степен, донесува дисциплинскиот орган на РСМ, а во втор степен одлучува Извршниот орган на РСМ. Одлуката на Извршниот орган е конечна.
Во случај на незаконитост во постапката или одлучувањето во прв или втор степен, барање за заштита на закоитоста се поднесува до Собранието на РСМ, кое одлучува по барањето.
Според оспорениот член 15 одговорноста на членовите, постапката и мерките за непочитување на утврдените норми на однесување во РСМ, се уредуваат со посебен дисциплински кат што го донесува извршниот орган на РСМ.
Во член 17 е утврдено дека собранието е највисок орган на Сојузот, кое се конституира од овластени претставници на радиоаматерските клубови и индивидуални радиоаматери и тоа: два претставника од радиоаматерски клуб и еден претставник на индивидуални членови радиоаматери, односно два претставника на преку 5 индивидуални членови радиоаматери.
Според членот 20 од Статутот, на Собранието се одлучува со јавно гласање, а Собранието може да донесе одлука за тајно гласање за избор на претседател и членови на органите на собранието.
Во член 22 став 1 алинеја 7 е утврдено дека Собранието, меѓу другите работи, констатира нови членови и престанок на членството.
Според членот 23 став 1 извршниот одбор е извршен орган на Собранието, а според ставот 3 членовите на извршниот одбор ги избира Собранието од редовите на членовите на РСМ, на предлог на претседателот на РСМ.
Во членот 25, во кој се утврдени работите што ги врши извршниот одбор, е урврдено дека тој одлучува и за основање на трговски друштва на РСМ.
Судот, исто така, утврди дека со решение З.Г.бр.304/99 од 31.03.1999 година на Основниот суд Скопје И Скопје Радиоаматерскиот сојуз на Македонија е запишан во Регистарот на здруженија на граѓани и фондации како здружение на граѓани и со решение се утврдува дека програмата и статутот на ова здружение се во согласност со новиот Закон за здруженијата на граѓаните и фондациите.
5. Со член 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Тие можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Според член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓаните.
Со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98) се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓаните и фондациите.
Според член 5 став 2 од овој закон, здруженијата на граѓаните и фондациите се самостојни во организирањето и остварувањето на своите цели, интереси и активности утврдени со статутот. Според член 20 од истиот закон, со статутот на здружението, покрај другото, се уредуваат целите и задачите на здружението, облиците и начинот на дејствување, како и органите, начинот на нивниот избор и отповикување и нивниот меѓусебен однос, траењето на мандатот на органите и начинот на одлучување, а според член 22 став 3, здружението на граѓани во својот статут ги утврдува и облиците и формите на колективното членување.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби од една страна, како и содржината на Статутот во целина и на одделните негови одредби кои се оспоруваат, од друга страна, пред Судот не се постави прашањето за нивната согласност со член 20 од Уставот на Републиката Македонија затоа што со нив не се повредува уставно гарантираната слобода на здружување на граѓаните и слободно основање на здруженија на граѓаните, ниту пак целите и задачите утврдени во статутот се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Во поглед на усогласеноста на оспорените одредби од Статутот со Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите и со други закони Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.76/99
28 април 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply