108/1999-0-0

108/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 17 од Статутот на Фудбалскиот сојуз на Република Македонија, донесен од Собранието на Фудбалскиот сојуз на 26 декември 1998 година.

2. Борис Трајковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членот 17 од актот означен во точката 1 од ова решение бидејќи не бил во согласност со членот 17 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите. Имено, ако здружение на граѓани можеле да основаат најмалку петмина полнолетни граѓани државјани на Република Македонија, тогаш и Општински фудбалски сојуз можеле да формираат најмалку пет клуба а не шест клуба како што било предвидено со Статутот.

3. Според член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Со оглед на тоа што во иницијативата се оспорува законитоста на членот 17 од Статутот, а Уставниот суд може да одлучува само за уставноста на статутите на здруженијата, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли поради ненадлежност на Судот да одлучува по неа.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 108/99
9 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply