29/1999-0-0

29/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 1 точка 3 од Одлуката за цените на услугите на авторскиот надоместок, донесена од факултетската управа при Медицинскиот факултет во Скопје на 19 јули 1996 година.

2. Иванова Биљана и други специјализанти по медицински науки од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на членот 1 точка 3 од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што независно од тоа што сите кандидати што се пријавувале за специјализација морале да ги исполнуваат истите услови (завршен приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит), здравствените работници што вршеле дејност со личен труд, невработените здравствени работници со високо образование по положување на стручниот испит, здравствените работници вработени во органите на управата, стопанските и други претпријатија и организации, морале сами да ги подмируваат финансиските обврски за изведување на специјализацијата, додека за здравствените работници вработени во јавните здравствени организации, финансиските обврски за изведување на специјализација паѓале на товар на буџетските средства, што не било согласно со Уставот на Република Македонија и со Законот за здравствената заштита.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 1 точка 3 од оспорената одлука за специјализација и субспецијализација кандидатот плаќа: 900 ДЕМ семестрално (вкупно 2 семестри теоретска настава); за стаж на специјализација и субспецијализација;
за интерни гранки по 1500 ДЕМ семестар, односно 3000 ДЕМ годишно и за хируршки гранки по 2000 ДЕМ семестар, односно 4000 ДЕМ годишно.

4. Согласно став 2 на член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Од оваа одредба, произлегува дека Уставот не предвидува исклучоци во полза на еден или на штета на друг граѓанин на Република Македонија.

Согласно член 146 од Законот за здравствената заштита здравствените работници и здравствените соработници можат да специјализираат и да субспецијализираат од определени гранки на медицината, стоматологијата, односно фармацијата, а гранките на специјализациите и субспецијализациите, времето на нивното траење и деловите на стажот на специјализациите ги пропишува Министерството за здравство по претходно мислење на соодветната високообразовна организација.

Од оваа одредба, произлегува дека здравствените работници и здравствените соработници можат да специјализираат во определени гранки на медицината кои заедно со времетраењето на специјализациите и деловите на стажот на специјализациите ги пропишува Министерството за здравство.

Во таа смисла ова Министерство донело Правилник за специјализација и субспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници со високо образование со кој ги определило гранките од медицината за кои ќе се одвива специјализацијата и нејзиното времетраење.

Исто така, согласно членот 150 од овој закон Министерството за здравство утврдува критериуми и донесува програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри.

Согласно оваа одредба од Законот, упатувањето на здравствените работници на специјализација го вршат здравствените организации и другите организации што спроведуваат здравствена заштита, по постапка утврдена со нивните општи акти во согласност со програмата на Министерството за здравство (член 151 став 1).

Согласно членот 152 од Законот здравствен работник кој самостојно врши здравствена дејност со личен труд, вработените кај него и невработените здравствени работници можат да се пријават за запишување на специјализација ако имаат завршен приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на истиот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека: Министерството за здравство со Програма ги утврдува потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри и со посебен акт – Правилник ги утврдува гранките на специјализациите и субспецијализациите во областа на здравството и нивното времетраење.

Исто така, Законот за здравствена заштита предвидува можност здравствените работници со висока стручна подготовка да можат да специјализираат во определени гранки од медицината под услови да имаат завршен приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на испитот.

Истите овие услови важат и за здравствените работници што самостојно вршат здравствена дејност со личен труд, вработените кај нив и невработените здравствени работници.

Како што се гледа од изнесеното Законот за здравствена заштита не прави разлика меѓу кандидатите вработени во клиниките и институтите на Медицинскиот факултет и кандидатите што вршат дејност со личен труд во смисла што за одобрување на специјализација сите мора да ги исполнуваат трите услови: завршен приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит, а не се осврнува на прашањето за подмирувањето на финансиските обврски за специјализација од страна на кандидатите.

Исто така, од содржината на членот 1 точката 3 од Одлуката произлегува дека таа предвидува кандидатот за специјализација и субспецијализација да плаќа определен паричен износ за два семестри теоретска настава, а различниот износ за стажот на специјализацијата е условен од видот на специјализацијата (за интерни гранки по 1500 ДЕМ семестар, односно 3000 ДЕМ годишно), а за хируршки гранки по 2000 ДЕМ семестар, односно 4000 ДЕМ годишно).

Имајќи предвид дека од нејзината содржина се гледа дека таа ги елаборира термините кандидат за специјализација, односно кандидат за субспецијализација како општ поим не споменувајќи притоа, дали овие кандидати се вработени во клиниките и институтите на Медицинскиот факултет и неговите наставни бази или, пак, се здравствени работници што вршат дејност со личен труд, од што не произлегува дека специјализантите упатени од јавните здравствени организации и специјализантите упатени од приватните здравствени организации плаќаат различен надомест, туку разликата се однесува само на видот на специјализацијата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбата од член 9 став 2 од Уставот според која граѓаните пред Уставот и законите се еднакви ниту, пак, со Законот за здравствената заштита.

Тоа што во практиката, според подносителите на иницијативата, Одлуката различно се применувала во смисла што специјализантите вработени во клиниките и институтите на Медицинскиот факултет биле ослободени од плаќање на надомест за специјализација во однос на специјализантите вработени кај приватните здравствени организации, според Судот е прашање од фактичка природа кое, како такво, излегува надвор од доменот на неговата надлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 29/99
26 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply