73/1999-0-0

73/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 3, 11 став 6, 24 став 5, 30 став 5 и 50 став 1 од Статутот на Општинското здружение на пензионерите и трудовите инвалиди “Гази Баба” Скопје, донесен на 30 декември 1991 година.

2. Александар Петровски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека еден член на Собранието на здружението поднесол оставка и во тек бил избор на нов член, поради што се поставувало прашањето за уставноста и законитоста на оспорените членови од Статутот на здружението. При тоа, во иницијативата се поставува прашањето дали оспорените членови од Статутот се во согласност со членот 22 од Уставот, со намера да се расчистело ова прашање пред да се изврши изборот, бидејќи имало сознание дека некои членови по изборот ќе барале оценка на уставноста и законитоста на Статутот.

3. Судот на седницата утврди дека подносителот на иницијативата всушност бара појаснување на одделни одредби од Статутот, за што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Судот утврди дека начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани е уреден со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите. Според одредбите на овој закон, здруженијата на граѓани своите права, должности и одговорности ги остваруваат согласно со Уставот, закон и статутот. Во статутот на здружението се содржани органите на здружението, нивниот избор и отповикување и нивниот меѓусебен однос и се определува траењето на мандатот на органите и начинот на одлучувањето на членовите. Со овој закон е определено и дека Собранието на здружението се конституира од претставници чиј број, мандат, начин на избор и отповикување се определува со статутот на здружението.

4. Врз основа на член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 73/99
5 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply