39/1999-0-0

39/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 21 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 4 став 1 точка 15 од Одлуката за водоснабдување и одведување на отпадните и атмосферските води (“Службен гласник на град Скопје” бр.22/83 и 14/87) донесена од Собранието на град Скопје.

2. Народниот правобранител на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, бидејќи во член 4 став 1 точка 15 од Одлуката била предвидена можност јавното претпријатие да го прекине водоснабдувањето на корисниците “за две неплатени сметки за вода, а по претходно добиена опомена” што не било во согласност со член 8, 9 и 51 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97), според кој доколку корисникот редовно не ја плаќа комуналната услуга, давателот има право да го прекине давањето на услугата, под услови и на начин утврдени со закон. Со повикувањето на јавното претпријатие, како давател на услугата, на оспорената одлука, се повредувал принципот на уставност и законитост утврден во член 51 од Уставот на Република Македонија. Со селективното исклучување само на оние корисници кои имаат дуќани и индивидуални објекти, а не и на оние што живеат во колективни станбени објекти, се повредувал принципот на еднаквост на правата и слободите на граѓаните на Република Македонија утврден во член 9 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се уредуваат општите услови и начинот на водоснабдување на населението, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници (корисници), одведувањето на отпадните и атмосферските води како и правата и обврските на давателот на услугите и корисниците.

Во членот 3 од одлуката е предвидена обврска за непрекинато снабдување со вода и случаите кога дистрибуцијата може да се прекине.

Членот 4 ги определува случаите кога јавното претпријатие може да го прекине водоснабдувањето на корисниците, при што во точката 15 предвидува можност водоснабдувањето да се прекине “за две неплатени сметки за вода, а по претходно добиена опомена”.

Понатаму, со одлуката се утврдуваат обврските на јавното претпријатие во случај на прекин на водоснабдување, утврдување на квалитетот и исправноста на водата, објектите и постројките и сл.

Со одлуката се дефинираат водоводната и канализационата мрежа, инсталација и објекти, како и прашањето на јавните и украсни чешми.

Покрај тоа, со одлуката се утврдуваат и прашања во врска со одобрението за приклучување на водоводната и канализационата мрежа, издавањето на хидротехнички услови од страна на јавното претпријатие за изградба, проектирање и реконструкција на мрежата и објектите, нивно одржување, прашањето за пресметување на надоместокот за користење на вода и канализација итн.

4. Согласно член 56 од Уставот на Република Македонија, сите природни богатства, меѓу кои неспорно спаѓа и водата како есенцијална потреба за основна егзистенција на човекот, претставуваат добра од општ интерес за Републиката поради што уживаат и посебна заштита.

Снабдувањето со вода за пиење, одведувањето и пречистувањето на отпадните води како и одведувањето и испуштањето на атмосферски води, согласно Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97) претставуваат дејности од јавен интерес (член 2 и 3 од Законот за комунални дејности).

Согласно член 17 став 1 точка 8 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95, 60/95) единиците на локалната самоуправа самостојно го уредуваат и организираат снабдувањето со вода за пиење и одводнување на отпадните и атмосферските води во согласност со закон.

Покрај тоа членот 6 став 1 точка 9 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) го овластува градот Скопје да го организира снабдувањето со вода за пиење од изворот Рашче и бунарите Нерези и Бардовци и одводнувањето на отпадните и атмосферските води, во согласност со закон.

Согласно член 6 од Законот за комунални дејности посебните услови и начинот на вршење на комуналните дејности се уредуваат со закон.

Условите и начинот на употреба и користење на водите, заштитата од штетни дејства на водите, заштита на водите од исцрпување и загадување, управување со водите, изворите и начинот на финансирање на водостопанските дејности, услови и начини на вршење на водостопанската дејност, давање на водата на користење со одобрение (концесија) меѓудржавните води и други прашања од значење за обезбедување на единствен режим на водите во Република Македонија се уредени со Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/98).

Согласно член 136 став 2 од Законот за водите, работите за обработка и испорака на вода за пиење, одведување и пречистување на отпадните води и одведување и испуштање на атмосферските води од населените места, како и работите за одржување и користење на водотеците во населените места ги вршат јавните комунални претпријатија или други правни лица.

Во конкретниот случај, комуналната дејност ја врши ЈП “Водовод и канализација”-Скопје, основано од страна на град Скопје со цел организирано и квалитетно вршење на комуналните дејности и услуги од значење за градот Скопје.

Согласно член 146 од Законот за водите јавното водостопанско претпријатие е должно на корисниците на вода да им испорачува количество на вода пријавено и предвидено со годишниот план за распределба на расположивите количества на вода по намени, корисници и време. Јавното водостопанско претпријатие не е должно да им обезбеди вода на корисниците ако навремено не ги пријавиле потребите од вода за наводнување.

Покрај тоа, Законот за водите ги предвидува и случаите кога на одделни корисници (според првенството утврдено во член 11 од законот) може привремено да им се ограничи или забрани користењето или употребата на водите, и тоа кога на определено подрачје количеството на вода се смали до мерка што не може да се задоволат потребите на сите корисници (член 42 став 1).

Исто така, во случај на недостиг на вода или вишок на вода поради дејство на виша сила или заради неопходни работи и реконструкција на објектите и постројките, јавното водостопанско претпријатие или другото правно лице кое управува со водостопанските објекти и постројки може привремено да го запре или ограничи снабдувањето со вода и прифаќањето на водата, се додека постојат причините кои тоа го предизвикале (член 42 став 2).

До привремена забрана или ограничување на употребата и користењето на вода за пиење спрема одделни корисници може да дојде и поради недостиг на вода за пиење, поради што не би можеле да се задоволат потребите од вода за пиење на сите корисници (член 57 од Законот за водите).

Согласно член 28 од Законот за комунални дејности, доколку корисникот редовно не ја плаќа комуналната услуга, давателот има право да го прекине давањето на услугата, под услови и на начин утврдени со закон.

Членот 147 од Законот за водите ги предвидува случаите кога на корисникот ќе му биде прекинато испорачувањето на вода, и тоа: 1) ако не платил за користење на водата, 2) ако ги оштетил објектите или 3) не ги извршил другите обврски утврдени со овој закон.

Членот 4 од оспорената одлука ги утврдува случаите кога јавното претпријатие може да го прекине водоснабдувањето на корисниците, меѓу кои во оспорената точка 15 е предвидено водоснабдувањето да може да се прекине за две неплатени сметки за вода, а по претходно добиена опомена.

Оттука, според мислењето на Судот, недвосмислено произлегува заклучокот дека постои законска можност за прекин на водоснабдувањето и исклучување на корисниците во случај на неплаќање за користењето на водата. Оспорената одредба од членот 4 став 1 точка 15 од одлуката, може да претставува помалку рестриктивно решение во операционализацијата на законските норми.

Од овие причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба.

5. Што се однесува до наводите во иницијативата дека со селективното исклучување само на оние корисници што имаат дуќани и индивидуални објекти, а не и на оние што живеат во колективни станбени објекти се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните утврден во член 9 од Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека се работи за прашање на примена на оспорената одредба во практиката за кое Судот не е надлежен да одлучува. Имено, одлуката не содржи одредби врз чија основа јавното претпријатие, како давател на услугата, го врши селективното исклучување, туку истото е последица на техничката неможност исклучувањето да се спроведе и спрема корисниците на вода што живеат во колективни станбени објекти.

6. Во однос,пак, на барањето за запирање на извршување на дејството исклучување на корисниците на вода, Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени за тоа во член 27 став 1 од Деловникот на Судот со оглед на тоа што одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 39/99
21 април 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply