189/1998-0-0

189/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за северна станбена зона “Баир”-Битола, донесена од Собранието на Општина Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.7/92).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Кулевски Димитар од Битола и Кулевски Божидар од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 31, 32 и 33 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), кој важеше за време на донесувањето на Одлуката.

4. Во претходната постапка и на седницата Судот утврди дека со Решение на Министерството за урбанизам, градежништво и екологија – Подрачна организациона единица на Општина Битола бр.12-585/2 од 31 март 1992 година била ставена на јавна расправа Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за северна станбена зона “Баир”-Битола, со излагање на Планот, во фаза на нацрт на Планот, и тоа во месните заедници “Димитар Влахов”, “Таки Даскало”, “Естреа О. Мара” и “Тодор Ангеловски”. Со истото решение е предвидено дека забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти од јавната расправа во писмена форма да и се достават на Подрачната единица, како носител на активностите за спроведување на ова решение.

Понатаму, Судот утврди дека ДОО “Завод за урбанизам и проектирање” во Битола изготвил одговор на забелешките од стручната ревизија на нацртот на Планот извршена од страна на АД во мешовита сопственост Институтот за урбанизам и архитектура “План” од Охрид.

Според тоа, од доказите кои му се доставени на Судот на увид и со кој располага Советот на Општината Битола во врска со донесување на оспорениот план Судот утврдило дека Нацртот на Планот не го утврдил Собранието на Општината и не постои извештај на надлежниот орган на управата со образложение за прифатените односно неприфатените забелешки од јавната расправа. Исто така, Судот утврди дека во постапката за донесување на оспорениот план, пред неговото донесување, не е прибавена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот, заради оцена на меѓусебната усогласеност на плановите и усогласеноста со просторните планови и со Законот.

5. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85 и 18/89), кој важел во времето на донесувањето на оспорениот план, урбанистичкиот план се изработува во две фази – нацрт на план и предлог на план, а според ставот 2 на овој член, нацртот на просторниот и урбанистичкиот план, задолжително се става на јавна расправа. Според ставот 3 исто од овој член, јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот, а според овој член, јавната расправа за урбанистички план се спроведува со излагањето на плановите најмалку 15 дена во соодветната просторија на месната заедница и забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот од став 3 на овој член во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. И според ставот 6 на овој член, врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог на планот.

Според член 32 од Законот, урбанистичкиот план, пред донесувањето се доставува до републичкиот орган на управата, надлежен за работите на урбанизмот заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон, а според неговиот член 33, органот на управата надлежен за урбанизам, му доставува на собранието на општината предлог на урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Тргнувајќи од утврдената фактичка положба по предметот, особено дека Собранието на Општина Битола не располага со докази дека го утврдил нацртот на оспорениот план, дека непостои извештај на надлежниот орган од кој ќе се види дека нацртот на Планот бил на јавна расправа и дека таков извештај со образложение за неприфатените забелешки од јавната расправа му е доставен на Собранието при усвојување на Предлогот на Одлуката, Судот утврди дека оспорената одлука не е донесена во постапка утврдена со Законот поради што оцени дека не е во согласност со означените законски одредби.

Исто така, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност и со член 32 од Законот, затоа што пред нејзиното донесување не е прибавена согласност од републич- киот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот заради оцена на меѓусеб- ната усогласеност на урбанистичките планови, како и усогласеноста со Просторниот план и одредбите на Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.189/98
14 април 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply