16/1999-1-0

16/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија,врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 1 од Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на ул.”Карпошова” бр.41 и 43 со КП-1130 и 1131, бр.0806-677, донесена од Собранието на Општина Свети Николе на 30.09.1988 година.

2. Стево Стојчев од Свети Николе, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оцена на уставноста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што во член 3 став 1 на оваа Одлука било предвидено истата да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Свети Николе” што не било во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со членот 3 став 1 од Одлуката е предвидено оваа одлука да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Свети Николе”.

Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба, според мислењето на Судот, јасно произлегува обврската дека прописите на единиците на локалната самоуправа се објавуваат пред да влезат во сила, односно дека мора да се почитува општиот правен принцип дека пропис или општ акт ќе може да има правно дејство и не може да влезе во сила без да се објави. Во конкретниот случај, имајќи предвид дека со член 3 став 1 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Свети Николе”, Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јова Проевски, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.16/99
31 март 1999 година
С к о п ј е
сс/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply