129/1998-0-0

129/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на став 2 на член 4 во деловите што гласат “уредува” и “со друг пропис”, член 24 и ставот4 на член 43 во делот што гласи “актот на работодавецот” од Законот за заштита при работа (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/98).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Уставот на Република Македонија во членот 32 став 1, меѓу другото, гарантирал заштита при работењето, а според ставот 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и колективен договор. Спротивно на уставните определби со оспорената одредба на член 24 став 1 од Законот за заштита при работа, работодавецот бил задолжен со свој акт поблиску да ги уреди односите, правата, обврските и одговорноста за заштита при работата во својата работна средина. Исто така, спротивно на определбите од Уставот, според оспорената одредба на ставот 4 на член 43 од Законот, работодавецот бил овластен, во согласност со актот на работодавецот и колективниот договор, привремено да го отстрани од работн ото место или да го оддалечи од работодавецот работникот, кој во работата не се придржува кон пропишаните мерки и средства за заштита при работа, со што на актот на работодавецот му било дадено и предимство во однос на колективниот договор.
Понатаму, подносителот на иницијативата упатува и на повеќе несогласности на оспорените одредби со одредби од Законот за работните односи, конкретно со членовите 55, 84 и 86 од Законот за работните односи.
3. Судот на седницата утврди дека според член 4 од Законот заштитата при работа е составен дел на организацијата на работата и на работниот процес, а според ставот 2 на овој член, чиј дел се оспорува, работодавецот ја организира, уредува и обезбедува заштитата при работа во согласност со овој или друг закон, колективен договор и друг пропис.
Согласно член 24 став 1 од Законот работодавецот е должен со акт поблиску да ги уреди односите, правата, обврските и одговорноста во заштитата при работа во својата работна средина.
Во член 43 став 3 од Законот е предвидено дека работникот, кој во работата не се придржува кон пропишаните мерки и средства за заштита при работа и со тоа го загрозува својот живот и здравје, како и животот и здравјето на другите работници, имотот на работодавецот или животната средина и природата може, во согласност со актот на работодавецот и колективниот договор привремено да се отстрани од работното место или да се оддалечи од работодавецот, за што писмено се известува претставникот на работниците за заштита при работа.
4. Во член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија е гарантирано, меѓу другото, правото на заштита при работа, а според неговиот став 5, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Според член 1 од Законот за заштита при работа со овој закон се уредуваат мерките за заштита при работа, обврските на работодавецот и правата и обврските на работниците во областа на заштитата при работа, а во членот 2 од овој закон, заштитата при работа во смисла на овој закон ги опфаќа мерките, средствата и методите за создавање на безбедни услови за работа.
Според член 4 од Законот, заштитата при работа е составен дел на организацијата на работата и на работниот процес, а според оспорената одредба на овој член (ставот 2), работодавецот ја организира, уредува и обезбедува заштитата при работа во согласност со овој или друг закон, колективен договор и друг пропис.
Во член 7 од Законот е предвидено дека во областа на заштитата при работа, синдикатите учествуваат во остварувањето на правата и интересите во согласност со закон и колективен договор.
Во посебна глава (втора) од Законот се утврдени мерките за заштита при работа кои можат да бидат општи и посебни. Според членот 9 од Законот општите мерки се применуваат во сите дејности, односно техничко-технолошки процеси на трудот како што се заштита од удар на електрична струја, пожар, бучава, вибрации од опасни штетни материи, употреба на средства за лична заштита при работа, хигиенски и здравствени услови за работа, пружање на прва помош, движење на работниците при работа и транспорт, условите за безбедна работа во градежните објекти наменети за работни и помошни простори, обезбедување на орудијата за работа со заштитни направи и од штетни климатски и атмосверски влијанија.
Според ставот 2 на истиот член, посебните мерки за заштита при работа се применуваат во специфични околности и процеси на работа во одделни дејности или гранки на дејности – работење на отворен простор (градежништво, земјоделство и друго), работење во вода (нуркање, … и друго), под земја (тунели и друго), работа на висина, како и мерки за заштита во патниот, железничкиот, воздушниот и водениот сообраќај.
Мерките, според овој член поблиску ги пропишува министерот за труд и социјална политика, доколку со друг закон не е поинаку определено.
Понатаму, во оваа глава од Законот прецизно се утврдени обврските на субјектите за примена на мерките за заштита при работа, уште од уписот на дејноста во трговскиот регистар за исполнетите мерки, нормативи и стандарди. Во главата ИИИ од Законот утврдени се обврски на работодавецот и тоа да ја планира и организира заштитата при работа, да ја уредува заштита при работа во својата работна средина, со озна чување на минимуимот на обврските кои ке ја обезбедат заштитата при работа.
Оттука се поставува прашањето дали во услови кога со Закон се утврдени мерките за заштита при работа, обврските на работодавецот да ги обезбеди тие мерки и во тој контекст да обезбеди заштита при работа во својата работна средина, може Законот да ги уреди до овој степен односите во оваа област, а работодавецот само да го применува законот.
Тргнувајќи од уставната определба дека секој има право на заштита при работа, а дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор, од решенијата содржани во Законот за заштита при работа, а имајки ја предвид содржината на оспорените одредби од овој закон, според мислењето на Судот таквите решенија не се во несогласност со Уставот. Имено, работодавецот не само што е овластен туку е и должен, во зависност од технолошкиот процес во својата работна средина да ги обезбеди односно спроведе пропишаните мерки со законот, нормативите и стандардите што ќе обезбедат заштита при работа во неговиот технолошки процес. Оттука произлегува од Законот обврска и право за работодавецот поблиску да ги уреди односите, обврските и одговорностите за заштита при работа со свој акт, што значи дека работодаверцот не ги уредува тие односи пошироко, надвор од работната средина туку само во својата работна средина. Со други зборови со оглед на тоа што Законот ги содржи мерките, обврските и одговорностите за заштита при работа на работодавецот, како и рамките на овластувањата на работодавецот поблиску со свој акт да ги уреди односите, правата и одговорноста во заштита при работа, следува дека за извршување на законските обврски во оваа област во својата средина е исклучиво надлежен работодавецот, поради што не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од овој аспект.
Со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), конкретно според одредбите на член 55, работодавецот е должен да ги обезбеди потребните услови за заштита при работа во согласност со овој, со друг закон и колективен договор. Работникот остварува заштита при работа во согласност со пропишаните мерки и нормативи за заштита при работа во согласност со закон и колективен договор.
Како што се гледа и од овој закон несомнено произлегуваат обврски за работодавецот да обезбеди потребни услови за заштита при работа во согласност со закон, во конкретниов случај со Законот за заштита при работа или и со друг закон и колективен договор. Тргнувајки од законската определба дека заштитата при работа е составен дел на организацијата на работата и на работниот процес тогаш разбирливо е работодавецот да ја организира, уредува и обезбедува заштитата, но при тоа оспорените одредби во никој случај не ја исклучуваат обврската работодавецот тоа да го направи во согласност со овој или друг закон, колективен договор или друг пропис, што значи дека законите и колективните договори се во надредена положба во однос на актот на работодавецот.
Исто така, според мислењето на Судот оспорената одредба на членот 43 од Законот, која е поместена во главата за правата и обврските на работниците не ја исклучува обврската на работодавецот отстранувањето од работното место или оддалечувањето од работодавецот на работникот, кој во работата не се придржува кон пропишаните мерки за заштита при работа и со тоа го довел во прашање својот живот и здравје како и животот и здравјето на другите работници, имотот на работодавецот, или ја довел во прашање работната средина, тоа да го стори во согласност со својот акт и во согласност со колективниот договор, што значи дека таквата одлука мора да биде, не само во согласностг со актот на работодавецот, туку и во согласност со закон и со колективниот дгоговор. При тоа, ако се има предвид дека рабо тникот кој не се придржува на пропишаните мерки за заштита при работа со Законот, друг пропис и колективен договор, прави тешка повреда на работната обврска, односно не ги почитува редот и дисциплината утврдени со правилата пропишани од страна на работодавецот, а ова овластување за работодавецот произлегува и од членот 115 од Законот за работните односи, тогаш не може да се приговори на оспорената одредба од Законот дека отстранувањето од работното место односно оддалечувањето од работодавецот го врши во согласност со својот акт и колективниот договор, поради што Судот оцени дека и од овој аспект не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.129/98
27 јануари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply