197/1998-0-0

197/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 15 до 25 од Законот за тутун (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/96 и 15/98).
2. Томе Божиков од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 15 до 25 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со одредбите за откуп на тутунот се востановувала облигаторност во склучувањето на договори и продавањето на тутунот на одредени купувачи што значело дека државата го подржувала монополското однесување на пазарот што не било во согласност со член 55 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 1 од Законот за тутун, откуп на тутун може да врши домашно правно лице кое е регистрирано за вршење дејност откуп и обработка на тутун и има одобрение за вршење откуп и обработка на тутун, според став 2 одобрението од став 1 на овој член го издава министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство под условите определени со овој закон, а според став 3 од овој член на Законот, против решението со кое е одбиено барањето за издавање на одобрение за откуп и обработка може да се поднесе жалба до Владата на Република Македонија – Комисиј а за решавање на управните работи во втор степен од областа на земјоделството, шумарството, водостопанството и ветеринарството.
Според член 16 став 1 од Законот, одобрение за вршење откуп и обработка може да добие откупувач ако ги исполнува следниве услови:
– да располага со потребни и соодветни простории за квалитетно смествуање, чување и обработка на суровиот тутун во лист;
– да располага со простории за откуп;
– да има вработено најмалку едно стручно лице со високо и едно стручно лице со средно соодветно образование за производство, откуп, процена и обработка на тутун и за примена на интегрални агротехнички мерки;
– да има мислење од надлежна институција за бонитет за обезбеден потребен износ на финансиски средства (сопствени или банкарски), за авансирање и за откуп на планирани количества суров тутун во лист од реколтата на тековната година;
– да обезбеди финансиски средства за набавка на семе, заштита на расадот од болести согласно со планираните колични за откуп на суров тутун во лист;
– да има обезбедено инструменти (технички средства) за утврдување на влагата и песокот во тутунот, кои ќе се користат при откупот на суровиот тутун во лист;
– да ги исполнил договорните обврски со производителите за откупениот тутун во претходната година, ако вршел откуп во претходната година и
– да приложи доказ за обезбеден семенски материјал од регистриран производител на семе.
Со став 2 од овој член се уредува дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе донесе поблизок пропис за големината на просторот за квалитетно сместување, чување и обработка на тутунот од став 1 алинеја 1 на овој член, за опременоста на просториите за откуп, како и за потребните инструменти за утврдување на влагата и песокот во тутунот од став 1 алинеја 5 на овој член, а според ставот 3 од овој член на Законот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, одобрението од член 15 став 1 на овој закон може да го одземе, ако откупувачот престане да ги исполнува условите предвидени од став 1 на овој член и ако откупува тутун без да има склучено договор, откупува тутун од производители кои немаат картон за производство на тутун, откупува тутун надвор од просториите за откуп, односно откупува тутун од производител кој има склучено договор со друг откупувач.
Откупот на тутун произведен во тековната година, согласно член 17 од Законот, се врши најдоцна до 31 март во наредната година.
Понатаму, Судот утврди дека со член 18 се уредуваат мерилата за квантитативна и квалитативна процена на тутунот, со член 19 мостри на тутунот по класи, со член 20 проценувач на тутунот, со членовите 21 до 23 јавна проценка на тутунот, со член 24 евиденција на откупениот тутун и со член 25 од Законот, откуп на тутун кога откупувачот падне под стечај или ликвидација.
4. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост, со ставот 2 се одредува дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а со ставот 3 од овој член е утврдено дека никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, со ставот 2 се утврдува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, и дека таа презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а со став 3 од овој член е определено дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.
Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а со став 3 од овој член е определено дека со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Врз горенаведените уставни основи со Законот за тутун се уредува организирано производство, откуп и обработка на суровиот тутун во лист (тутун). Во општите одредби на Законот, покрај поимно определување дека под тутун се сметаат лисја добиени од растенија на видот никоцијана табакум, тутунот се определува како добро од општ интерес за Републиката, за кој Републиката го поттикнува неговото производство во регионите и реоните во кои постојат природни услови за производство на тутун. Во овие одредби се определува што се смета за производство, откуп и обработка на тутун. Така, под производство се смета производство на тутунов расад, расадување, одгледување на тутунски растенија на нива до откинување на лисјата од растенијата, сушење на тутунските лисја и примарна (домашна) манипулација на суров тутун под лист. Под откуп се смета преземање и процена на суровиот тутун под лист, а под обработка, неговата индустриска обработка (индустриска манипулација и ферментација), за добивање на таков производ – ферментиран тутун.
Тргнувајќи од анализа на напред наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека тутунот како вид на индустриско растение, со Законот е п рогласен како добро од општ интерес за Републиката, дека заради посебните карактеристики на ова растение законодавецот го уредил посебниот режим на организирано производство, откуп и обработка на суровиот тутун во лист, во чии рамки заради употреба на сортно семе, квалитетен расад, примена на интегрални агротехнички мерки и правилна заштита на тутунот од болести и штетници и зголемување на неговиот принос и квалитет, како и заради обезбедување на сигурност на производителот во пласманот односно откупот на тутунот, е предвидено склучување на договори со кои се обезбедуваат тие цели. Понатаму, заради избегнување на нелојалната конкуренција на откупувачите на тутун кога го откупуваат тутунот од производителите и обезбедување на претпријатија кои во настапот на пазарот ќе гарантираат сигурен откуп на тутунот, е уредено откупот на тутун да може да го врши домашно правно лице кое е регистрирано за вршење дејност откуп и обработка на тутун. Горните определби содржани во Законот за тутун, според мислењето на Судот, не значат востановување на монополска положба и монополско однесување на пазарот и дека на тој начин не се ограничува слободата на пазарот. Тоа дотолку повеќе што, како откупувач на тутун под еднакви услови може да биде секое правно лице кое е регистриран о за вршење на таква дејност и има одобрение за вршење откуп и обработка на тутун, а производителот по своја волја одлучува со кој откупувач од територијата на Република Македонија ќе склучи договор и нему ќе му го продаде својот тутун.
Што се однесува до условите за добивање одобрение за вршење откуп и обработка на тутун содржани во член 16 од Законот и дали тие се строги или либерални, исто така, според мислењето на Судот, тоа се прашања на законодавната политика, а обврската за договорно уредување на односите помеѓу производителите и откупувачите на тутунот, произлегуваат од значењето што државата го дава на овие односи и потребата од нивна правна стабилност, што во принцип, не може да се оспори како право на државата. Понатаму, оспорените одредби од Законот во делот за откупот на тутунот (мерила за квантитативна и квалитативна процена – член 18; мостри на тутунот по класи – член 19, проценувач – член 20; јавна проценка на тутунот – членовите 21-23; евиденција на откупениот тутун – член 24 и откуп на тутун кога откупувачот падне под стечај или ликвидација – член 25 од Законот) во основа се технички нормативи и правила, со кои, според мислењето на Судот, не се повредува уставниот принцип за слободата на пазарот и со нив не се воспоставува монополска положба и монополско однесување на пазарот.
Според тоа, тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Законот, Судот оцени дека со нив не се востановува монополска положба и монополско однесување на пазарот и дека на тој начин не се ограничува слободата на пазарот, поради што не го постави прашањето за согласноста на членовите 15 до 25 од Законот за тутун со член 55 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селим и, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.197/98)

Leave a Reply