161/1998-0-0

161/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 21 став 1 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива од Трајче Трајковски од Куманово, со решение У.бр.161/98 од 2 декември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 21 став 1 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејки основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 21 став 1 од Законот, јавните претпријатија регистрирани за комунална дејност, по претходна согласност на основачот можат да вршат и друга дејност.

5. Согласно член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Уставот создава уставно правна основа за уредување на начинот на остварувањето на јавниот интерес во областа на стопанството. Особено се значајни одредбите од Уставот со кои се овозможува развој и правна егзистенција на сопственоста и можноста сопственоста и правата кои произлегуваат од неа да бидат одземени или ограничени кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Уставот ја определува Република Македонија и како социјална држава која треба да се грижи за условите за животот и работата на сите граѓани и да создава можности за стопански развој како претпоставка за остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Републиката има обврска да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според Законот за јавните претпријатија, јавни претпријатија се основаат заради вршење на стопански дејности од јавен интерес, а стопански дејности од јавен интерес се дејностите кои се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работата на правните лица и на државните органи.

Како стопанска дејност од јавен интерес, според овој закон, е и комуналната дејност, а условите и начинот на вршење на дејноста како и остварувањето на јавниот интерес се уредени со Законот за комунални дејности.

Со Законот за комунални дејности се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности.

Според членот 2 од овој закон, вршењето на комунални дејности е од јавен интерес.

Со членот 14 од овој закон е утврдено дека комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност.

Според член 21 став 2 од овој закон, основачот на јавното претпријатие ги утврдува условите и начинот на распоредување и користење на вишокот на средства остварени од работењето на претпријатието.

Согласно член 22 став 1 од овој закон, над јавно претпријатие што врши комунална дејност, не може да се отвори постапка за стечај, освен во случаите утврдени со закон.

Јавните претпријатија воопшто па и јавните претпријатија од комуналната сфера вршат дејност од јавен интерес која е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работата на правните лица и на државните органи, а вршењето на друга дејност од не јавен интерес, подлежи на друга законска регулатива.

Во таа смисла разгледувајќи ја законската одредба според која основачот на јавното претпријатие ги утврдува условите и начинот на распоредување и користење на вишокот на средства остварени од работењето на претпријатието, се поставува прашањето за кој вишок на средства станува збор, дали за вишокот на средства од обавувањето на основната комунална дејност или пак од обавувањето на другата дејност.

Понатаму, ако, согласно законот, над јавно претпријатие што врши комунална дејност не може да се отвори постапка за стечај освен во случаите утврдени со закон, се поставува прашањето дали може да се покрене постапка за стечај над јавно претпријатие што врши комунална дејност и друга дејност, во рамките на таа друга дејност.

Утврдените комунални дејности во Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа ги вршат во согласност со закон. Условите и начинот на вршење на овие дејности, бидејќи се од јавен интерес се регулираат со Законот за комунални дејности.

Јавните претпријатија кои вршат комунална дејност и друга дејност, доколку на пазарот излегуваат со понуди со пониски цени (дампинг цени) тешко дека заради тој факт може да се каже дека имаат монополистичко однесување. Или поинаку кажано, понудите што овие јавни претпријатија ги прават по пониски цени не значи дека тие во однос на другите претпријатија се однесуваат монополистички туку попрво би се рекло дека е тоа нелојална конкуренција на јавните претпријатија што ги прави нееднакви на пазарот, спротивно на уставната определба за еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Тргнувајќи од уставната определба дека јавниот интерес се определува исклучиво со закон, Законот за јавните претпријатија утврдува дека јавни претпријатија се основаат заради вршење на стопански дејности од јавен интерес, а како таква дејност ја предвидува и комуналната дејност. Оттука јавно претпријатие од комуналната сфера кое врши дејност од јавен интерес и која е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работата на правните лица и на државните органи не би можело да врши и друга дејност пред се поради фактот што вакво претпријатие е основано токму заради вршење на стопанска дејност од јавен интерес. Вршењето на било која друга дејност која подлежи на друг законски режим не би било во согласност со основната иде ја поради која е формирано јавното претпријатие, поради што Судот оцени дека членот 21 став 1 од Законот не е во согласност со член 55 став 2 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судо т ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.161/98
20 јануари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply