134/1998-0-0

134/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 35 став 1 и 2 од Законот за јавни претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/96 и 8/97).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 35 став 1 и 2 од Законот за јавни претпријатија затоа што со нив се овозможувало правото на штрајк да се ограничи со акт на основачот на јавното претпријатие, што не било во согласност со член 38 од Уставот според кој ова право може да се ограничи само со закон.

3. На седницата Судот утврди дека според член 35 став 1 од Законот основачот утврдува кои лица носители на раководни функции односно лица од кои зависи техничко-технолошкиот процес и се од незаменливо значење за одвивање на дејноста на претпријатието, со оглед на водењето на работите на јавното претпријатие, не можат да учествуваат во штрајк и пропишува кои се нивните обврски, односно како тие мора да постапуваат во случај на штрајк во јавно претпријатие.

Согласно став 2 на овој член во прописот од став 1 на овој член може да се утврдат работните места и начинот на извршувањето на работите и задачите на работните места од кои зависи вршењето на дејноста од јавен интерес и од кои може да се загрози сигурноста на луѓето, институциите и опремата и кога вработените не можат да ја запрат работата без предупредувањето дадено во рокот утврден со овој закон.

4. Во член 38 став 1 од Уставот се гарантира правото на штрајк. Според став 2 на овој член од Уставот со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

5. Судот оценува дека оспорените одредби имаат значење во контекст на природата на јавните претпријатија кои го обезбедуваат вршењето на дејностите од јавен интерес како незаменлив услов за работа и живот на правните субјекти и граѓаните. Поаѓајќи од тоа уште во член 33 од Законот се утврдени суштинските услови за остварување на правото на штрајк во јавните претпријатија насочени кон остварување на минималното ниво на вршењето на дејностите од јавен интерес и исполнувањето на меѓународните обврски. Судот, со решение У.бр.53/98 утврди дека ваквите законски услови односно ограничувања на остварувањето на правото на штрајк не се во несогласност со Уставот. Во тој контекст оспорениот член 35 став 1 и 2 има функција на натамошна операционализација на законските ограничувања на правото на штрајк во конкретни, фактички ситуации кои по својата природа не можат да бидат предмет на законско или подзаконско регулирање. Според мислењето на Судот, со законот недвосмислено се утврдени видот и природата на работните места чие извршување е неопходно за да се обезбедат минималните услови на функционирање од член 33 од Законот. Овластувањето на основачот да ги определи работниците што ги извршуваат тие задачи во конкретна ситуација не претставува подзаконско регулирање на остварување на правото на штрајк, туку непосредно спроведување на законските налози. Според тоа, ограничувањето на правото на штрајк за одделен вид на работни задачи односно нивните носители или извршители во јавните претпријатија е веќе содржано во законот, а не е отстапено за уредување од страна на основачот.

Врз основа на тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 35 став 1 и 2 од Законот со член 38 од Уставот на Република Македонија и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 134/98)

Leave a Reply