165/1998-1-0

165/1998-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 и 24 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на

а) членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/98) кој предвидува во членот 70 став 1 точка 28 од основниот Закон за Народна банка на Република Македонија по точката 28 да се додаде нова точка 28-а чиј став 2 гласи: “Советот на Народната банка по жалби против решенијата донесени од страна на гувернерот на Народната банка на Македонија, одлучува без учество на гувернерот и заменик на гувернернот”;

б) член 4 став 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/98) кој гласи: “Против решенијата на гувернерот со кои ја укинува дозволата за работа на банката, може да се поднесе жалба во рок од осум дена од доставувањето на решението. По жалбата одлучува Советот на Народната банка на Македонија, без учество на гувернерот и заменикот на гувернерот” и

в) ставот 2 на член 7 од овој закон за измени во делот што гласи: ” По жалбата одлучува Советот на Народната банка на Македонија, без учество на гувернерот и заменик гувернерот”.

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на д-р Александар Маневски од Скопје, со решение У.бр. 165/98 од 7 октомври 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени под а), б) и в) во точката 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорените законски одредби, како второстепен орган, кој одлучува по жалбите против решенијата на гувернерот на Народната банка на Македонија, е предвиден Советот на Народната банка, со тоа што во овие случаи се предвидува гувернерот и заменик гувернерот да не учествуваат во одлучувањето.

4. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против наведените акти, со што го обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето.

Согласно член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.

Со оглед на тоа што Народната банка на Македонија претставува самостоен орган, формиран од Собранието на Република Македонија, Судот оцени дека одлучувањето на Советот на Банката во второстепена постапка против решението на гувернерот, донесено во првостепена постапка, кога се има предвид дека гувернерот и заменик гувернерот не учествуваат во одлучувањето е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостпеност во одлучувањето.

Имајќи предвид дека оспорените одредби од Законот за измени и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија и Законот за изменување и дополнување на Законот за банките и штедилниците предвидуваат по жалбите против решенијата на гувернерот да одлучува Советот на Народната банка на Македонија, без учество на гувернерот и заменикот на гувернерот, Судот утврди дека истите претставуваат суштинска измена на соодветните одредби од Законот за Народната банка на Република Македонија и Законот за банките и штедилниците, поради што оцени дека Советот на Народната банка може да се јавува како второстепен орган, затоа што неговото предвидување како таков, не го доведува во прашање начелото на двостепеност во одлучувањето, што е загарантирано со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.165/98)

Leave a Reply