116/1998-0-0

116/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на решението У.бр.234/97, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на 13 мај 1998 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за преиспитување на решението означено во точката 1 на ова решение затоа што смета дека Уставниот суд при донесување на оспореното решение не ги имал во предвид одредбите на ставовите 1 и 2 од член 12 од Уставот на Република Македонија и поради тоа погрешно оценил дека ставот 4 од член 12 од Уставот по исклучок од ставовите 1 и 2 на истиот член, допушта во определени услови и време лицето да биде лишено од слобода без судска одлука.

Според подносителот на иницијативата решението за кое бара преиспитување претставувале и отстапување од досегашната практика на Судот по ова прашање, а како пример ги наведува Одлуките У.бр.156//93, У.бр.59/96 и У.бр.229/97.

3. Судот на седницата утврди дека по иницијатива од истиот подносител со Решение У.бр.234/98 од 13.05.1998 година не повел постапка за оценување уставноста на член 143 став 1 и член 188 од Законот за кривичната постапка затоа што утврдил дека случаите и условите утврдени во оспорените членови под кои едно лице може да биде задржано, приведено или лишено од слобода без одлука на судот имаат основа во член 12 ста 4 од Уставот на Република Македонија, од чија содржина, според мислењето на Судот, произлегува дека кумулативноста на двата услови утврдени во член 12 став 2 од истиот член не се однесуваат на приведувањето и задржувањето односно на лишувањето од слобода на лицето до моментот на предавањето на таквото лице на судот, а кој рок не може да биде во никој случај над уставно утврдениот рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода на таквото лице.

4. Разгледувајќи ги наводите од оваа иницијатива и од решението за неповедување на постапка Судот оцени дека нема основ за поинакво одлучување, со оглед дека при одлучувањето за уставноста на членовите 143 став 1 и член 188 од Законот за кривичната постапка ги имал во предвид и ставовите 1 и 2 од член 12 на Уставот на Република Македонија, на кои се укажува и во оваа иницијатива.

Во однос на наводот во иницијативата дека решението чие преиспитување се бара, отстапува од уставно-суцдската практика, Судот оцени дека и овој навод недржи и не би можел да е основ за поинакво одлучување, со оглед дека во предметите кои се наведени во иницијативата се работи за различни лица, случаи и постапка на задржување односно на лишување од слобода од предвидените во наведените членови од Законот за кривичната постапка, односно во случајот се работи за задржување на лица затечени на местото на извршување на кривично дело, како и за задржување и лишување од слобода на лице затечено на извршување на кривичното дело за кое се гони по службена должност и на лице за кое постојат основи за сомнение дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност и тоа под прецизно утврдени услови и време за кое овие лица можат да се задржат односно лишат од слобода до предавањето на надлежниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јова Проевски, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.116/98)

Leave a Reply