222/1997-0-0

222/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 декември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 49 став 2 во делот “но не помалку од каматата што би се добила ако средствата биле орочени на штедење на ист рок” од Законот за пресоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 70/94, 71/96 и 28/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Друштвото со ограничена одговорност “ДАМС” од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот за пресоналниот данок од доход означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. На седницата Судот утврди дека во член 47 од Законот се утврдени приходите од капитал на кои се плаќа персонален данок, а помеѓу другите во точка 2 се предвидени “каматите по кредитите дадени на физички и правни лица”.

Во член 49 став 2 е предвидено дека “основа за пресметување на данок на приходите од член 47 став 1 точка 2 претставува остварената камата, но не помалку од каматата која би се добила ако средствата биле орочени на штедење на ист рок”.

Според член 48 од Законот, обврзник на данокот на овие приходи е физичкото лице.

5. Според член 30 став 2 од Уставот сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а согласно член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

6. Во член 49 став 2, иако во еден дел како основица за плаќање на персоналниот данок е утврдена остварената камата, се предвидува дека основицата на персоналниот данок во секој случај претставува најмалку каматата што би се добила ако средствата биле орочени на штедење на ист рок. Тоа, според мислењето на Судот, значи дека физичкото лице – давател на кредит односно заем во секој случај е должно да плаќа персонален данок на камата во одредена висина, без оглед на тоа дали е договорена пониска камата или дали воопшто е договорена камата. Оспорениот член 49 став 2 според тоа, создава можност за воспоставување на даночни обврски и во случаи кога физичкото лице воопшто не стекнува во сопственост камата како приход од сопствениот капитал или стекнува помал приход од оној што законот го утврдува како минимална основица на даночната обврска.

Врз основа на тоа, Судот оцени дека со оспорениот член 49 став 2 во делот со кој се утврдува минималната даночна основица се повредува член 30 став 2 во врска со член 33 од Уставот во насока на создавање обврски од сопственост и кога таква сопственост не постои.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.222/97)

Leave a Reply