178/1998-0-0

178/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на точката 2 од мислењето на Министерството за финансии бр. 09-9985/2 од 22 декември 1997 година; согласноста за отстапување на користење односно собирање на други шумски производи, бр.09-4823/2 од 26 јуни 1998 година дадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и договорот бр.03-422 за отстапување на користење односно собирање на други шумски производи со надомест склучен на 27 јули 1998 година помеѓу ЈП “Македонски шуми” П.О. Скопје и “Вегетабил” А.Д. Скопје.

2. Претпријатието за економски и организациони услуги и промет “Веле” д.о.о. Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата бара повлекување и непримена на мислењето на Министерството за финансии бидејќи собирањето на шумски плодови спаѓало во земјоделска дејност која главно ја обавувало месно население од пасивни неразвиени подрачја поради што на надоместокот за собраните шумски плодови не требало да се пресметува и плаќа персонален данок од 23% на име договор за дело, туку требало да се плаќа 5% данок на промет на производи на откупната цена на производителот. Понатаму, откупот на шумските производи бил оптоварен со 31% со разни даноци и тоа: 3% надомест за собрани количини на ЈП “Македонски шуми”, 5% данок на промет на производи и 23% персонален данок од доход. Обавувањето на земјоделска дејност, како собирање на шумски плодови не можело да се третира како договор за дело туку таквата дејност исцело припаѓала во земјоделска дејност поради што требало да се применува членот 24 од Законот за персонален данок од доход. Во таа смисла требало да биде изменета точката 2 од оспореното мислење на Министерството за финансии, а согласноста и договорот да се стават надвор од примена.

3. Судот на седницата утврди дека во мислењето на Министерството за финансии бр.09-9985/2 од 22 декември 1997 година, упатено до Управата за јавни приходи, во точката 2 се вели: “2. Откупот на шумски плодови и секундарни суровини е предмет на оданочување со персонален данок од доход и за физичкото лице претставува примање остварено по основ на договор за дело. Оданочувањето на овие примања се врши по стапка од 23%, а основата на која се пресметува данокот, според членот 15 точка 3 е бруто примањето, намалено за 20%. Данокот за овие примања согласно членовите 75, 76 и 95 од Законот, го пресметува исплатувачот на приходот, при секоја поединечна исплата и за секој обврзник посебно и тој е должен запрениот данок да го уплати на соодветна сметка на органот за јавни приходи, а на обврзникот да му издаде примерок од пресметката за платениот персонален данок”.

Со согласноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на ЈП “Македонски шуми” од Скопје му се издава согласност да може користењето односно собирањето на други шумски производи во шума, со надомест да го отстапи на други правни и физички лица. Јавното претпријатие “Македонски шуми” Скопје може да отстапува користење односно собирање на други шумски производи во шумите со стопанска и посебна намена во државна сопственост со кои истото стопанисува. Согласноста важи до 31 декември 1998 година.

Договорот за отстапување на користење односно собирање на други шумски производи со надомест е склучен помеѓу ЈП “Македонски шуми” и “Вегетабил” АД Скопје, со одредени права и обврски за двете договорни страни. Договорот важи до 31 декември 1998 година.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во конкретниот случај имајќи ја предвид содржината на оспорената точка 2 од мислењето на Министерството за финансии, Судот оцени дека е таа исклучиво во функција на извршување на одредени законски одредби односно дека со неа не се уредуваат односи меѓу поедини субјекти туку само се појаснува примената на законските одредби.

Согласноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за отстапување на користење односно собирање на други шумски производи е во согласност со член 42 став 2 од Законот за шумите според кој јавното претпријатие може со надомест да го отстапи користењето односно собирањето на други шумски производи во шума на други правни и физички лица по претходна согласност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Висината, пак, на надоместокот се определува со конкретен акт-договор и таа е фактичко прашање за кое Судот не е надлежен да одлучува.

Што се однесува до Договорот за отстапување на користење односно собирање на други шумски производи со надомест склучен помеѓу ЈП “Македонски шуми” и “Вегетабил” АД Скопје, тој е конкретен акт склучен со слободна волја на двете страни и согласно Уставот не подлежи на уставно-судска оценка.

Оттука со оглед на тоа што со оспорените акти не се уредуваат односи на општ начин, Судот оцени дека тие не подлежат на уставно судска оценка поради што согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение во делот што се однесува на Спогодбата и Договорот, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов, а во делот што се однесува на точката 2 од Мислењето на Министерството за финансии, Судот го донесе со мнозинство гласови во истиот состав.
(У.бр.178/98)

Leave a Reply